Грижа за духовното здравјe

Беседа на протојереј-ставрофор Ефтим Бетински за Втората недела од Великиот пост – на свети Григориј Палама – Марко 2,1-12.

 

Во текот на последните неколку недели Црквата  ни покажа такви места во св. Евангелие каде што се изобличуваат гревовите на разни луѓе. Пред нашиот мисловен поглед поминаа: цариникот, кој се покајал за своите многубројни гревови; фарисејот, кој, во својата гордост и немилосрдност не ги согледал своите гревови и со тоа направил уште поголем грев. Слушнавме за блудниот син, кој голем дел од својот живот го поминал на морално беспаќе; слушнавме и за немилосрдноста на оние кои на Страшниот суд ќе застанат од левата страна на Христа и ќе бидат испратени во вечни маки. Св. Црква сето тоа ни го спомнува за да ги согледаме своите гревови и да се покаеме во текот на тоа посебно определено време за покајание во текот на Великиот пост.

За оние кои и по тие примери сè уште не се засегнале, чие што срце е тврдо, денес Црквата нè предочува друго евангелско четиво, во кое се насликани и телесните слабости што ги предизвикува гревот. Има многу луѓе кои додека се здрави не се плашат од зборовите Христови за Страшниот суд, туку само кога ќе ги снајде тешка болест почнуваат да рзмислуваат за смртта и за она што доаѓа по неа.

Таков човек бил и фатениот, односно парализираниот за кого слушнавме од денешното евангелие. Како и сите болни, и тој живеел со надеж дека може да се случи нешто што ќе го крене од постелата. Кога роднините на болниот разбрале дека Христос дошол во градот, го кренале заедно со постелата и го понесле кон куќата каде што проповедал Спасителот. Но таму имало толку многу народ што тие не можеле да се пробијат и да влезат во куќата. Меѓутоа, биле уверени дека, ако успеат да го внесат болниот кај Христа, Он ќе се смилува и ќе го излекува. Потребата ги направила снаодливи. Свртиле околу куќата, се искачиле на покривот, го кренале кровот и го спуштиле болниот пред Христовите нозе.

Кога ја видел нивната вера, Исус му рекол на парализираниот: Синко, ти се опростуваат гревовите твои! За да ја покаже Својата сила, Христос  уште додал: Но за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите, му рече на фатениот: Тебе ти велам: земи ја постелата своја и оди си дома! Фатениот веднаш станал, па, штом ја земал постелата своја, излегол. На излегување, сите му направиле пат, се чуделе и Го славеле Бога со зборовите: Никогаш вакво чудо не сме виделе!

Исус Христос постојано им нагласувал на луѓето дека постои цврста врска меѓу душата и телото; Он постојано нагласувал дека душата е повредна од телото и дека здравјето на духот е многу поважно од здравјето на телото. Он најпрво го излекувал духот на фатениот откако му ги простил гревовите, а како последица на тоа, само со еден збор, фатениот станал и оздравел.

Од денешното евангелие треба да ги извлечеме следните поуки. Прво, да обратиме внимание на своето лично духовно здравје. Христос секогаш е готов да ни ги прости нашите гревови, доволно е само искрено да се покаеме за нив и да ги исповедаме. Ако поради негрижа и мрзливост досега сме одложувале да се исповедаме, барем во текот на Великиот пост да се покаеме за сe лошо што сме направиле и да ги исповедаме своите гревови.

Второ – треба да земеме пример од роднините на евангелскиот фатен кои не го жалеле својот труд на раце да го однесат тој што страдал кај Христа, исполнети со вера дека само Он ќе го спаси. Таа нивна вера била спасителна не само за нив туку постанала причина духовно и телесно да биде спасен парализираниот болен.

И ние имаме потреба од помошници со силна вера кои ќе се застапат пред Христа, Он да нè спаси.

Наши секојдневни застапници пред Христа се светиите кои непрестајно се молат пред Божјиот престол за нас грешните. Нивната вера била дури и посилна и од верата на оние кои го однесле фатениот кај Спасителот. Гледајќи ја нивната вера со која тие ги принесуваат нашите молитви пред Божјиот престол, Христос ќе се смилува и ќе рече: Синко, ти се опростуваат твоите гревови! Христовата Црква се состои од нас живите на земјата и од сите оние кои со вера се преселиле на оној свет. Пред Бога нема живи и мртви, туку само живи.

Од своја страна, ние треба со вера да се молиме за оние наши браќа и сестри кои имаат потреба од молитвена помош и на оној свет. Светиите, пак, на небото се молат за нас и Господ, заради нивната вера, ќе ни ги прости гревовите и ќе ни ги излекува и душите и телата како на евангелскиот болен. Амин.