„Ова е најголемиот ден за Македонија! Она што ние го доживуваме сега сакале да го доживеат многу генерации. Ние сме најсреќната! Но имаме и најголема одговорност, ние треба јасно да покажеме дека сме зрел народ, кој ќе даде плодови не само за Македонија, туку и за Европа и целиот свет“
Архиепископ Охридски и Македонски г. г. МИХАИЛ (Методи Гогов)
Почитувани екселенции, Ваше преподобие, ценети пречесни отци, драги браќа и сестри,
Со овие прекрасни и силни зборови на блажено упокоениот архиепископ Охридски и Македонски г. г. Михаил (Гогов) го започнувам мојот говор. Ми претставува голема чест и задоволство што сум дел од оваа свечена академија. Убаво е денес да се биде покрај народот свој, на ова место и во ова време и од сегашноста да се говори за минатото, но и за иднината. Се собравме на ова Австралиско тло од сите краишта на нашата мила Македонија, но еве денес повторно сме заедно на едно место собрани како заедница, како Црква од сите градови на Австралија, каде што постоиме и опстојуваме како народ, како заедница, како Македонци, во чии срца и мисли никогаш не згаснала и нема да згасне големата љубов кон Македонија и Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, а тоа на дело го потврдивме и денес по незнам кој пат.
Денес се собравме, почитувани, да се потсетиме на историското минато на нашиот народ и земја, на борбата за самостојна Црква и Држава. Да се сеќаваш на своите прадедовски корени и огништа – значи да не се обезличиш пред останатите, да бидеш личност со свој интегритет, да постоиш, да живееш. А да живееш значи да твориш, а твориш тогаш кога допринесуваш за својот народ, за Црквата и твојот спомен останува вечен. Вечен е споменот на многумина, кои во нашето блиското минато, пред половина век се вградија како живи камења во зданието на Црквата. И тоа во оној топол ден, 17 јули во македонскиот Ерусалим – Охрид, далечната 1967 година, голем ден кој ете и по цели 50 години остана запаметен, бидејќи делото кое се случило, големиот настан „Прогласувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија – во лицето на Македонската Православна Црква“ и тоа точно по цели 200 години од нејзиното неканонско укунување во 1767 година – е дело кое нѐ ослободува и нѐ обелоденува пред останатите народи, како народ со своја независна Црква, во која сите сплотени сме успеале по 34 години, на 08 септември 1991 година да го доживееме вториот радосен настан во чиј спомен се собравме и ние – „Денот на Независноста на Република Македонија“, ден кога се оствари нашиот сон и сонот на нашите предци, пред точно 26 години, на денешниов ден, кога првиот демократски избран претседател на Република Македонија г. Киро Глигоров ја објавил Независноста, со следните зборови: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечервава на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви честитам: слободна, суеверна и самостојна Македонија“.
Ова 2017 Лето Господово е годината кога ги прославуваме ови два значајни јубилеи – по чиј повод се собравме масовно на овој собир, кој верувам дека ќе им овоможи на припадниците на македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд, да бидат директно вклучени во важното сумирање на македонските постигнувања и успеси, но и предизвици и можности, за да можеме со заеднички сили да ја градиме иднината на нашата заедничка татковина и мајка земја Република Македонија.
Во изминатите 26 години, македонското искуство покажа дека, независно од тоа колку една земја е територијално мала – таа е онолку силна колку што е силен стремежот кон заедничката иднина на сите нејзини чеда како во земјата така и надвор од неа. Верувам дека успехот на Република Македонија, во голема мера, се должи и на посветеноста на генерациите македонски иселеници, кои иако далеку од родните огништа, секогаш Татковината ја носат во своите срца и мисли. Припадниците на македонската дијаспора ја претставуваат живата, културна врска на Република Македонија со земјите во кои живеат. Ние сме неоткинлив дел од Македонија во светот и ние сме најдобри амбасадори во рамките на економскиот развој, уметноста, културата, спортот и религијата. Ние сме штитот на македонското име и идентитет, како и промотори на македонските вредности, придобивки и интереси.
Македонските православни цркви распослани ширум светот ја обединуваат дијаспората во своите заедници и ја одржуваат чистота на Православието, кое е духовна храна на македонските верници. Ние треба да бидеме благодарни на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, бидејќи нашата Црква има голема улога во зачувувањето на македонската религија, традиција, јазик и историја надвор од Македонија.
Врската меѓу татковината и дијаспората, почитувани, е вредност, која треба да се негува. Убеден сум дека таа врска и натаму ќе се зајакнува. Младите луѓе се носители на борбата за слобода. Црпејќи ја енергијата од нашите историски херои, кои го дале својот живот за идејата, мислата и визијата која ги водела напред – слободата и независноста на Македонија. Нивното дело го продолжуваме вечервава сите ние заедно во нашата битка за европска и евроатланска Македонија. Во тоа, јас сум уверен дека македонската дијаспора во Австралија ќе продолжи со напорите да го помага развојот на Македонија и во иднина.
Во оваа свечена вечер со нас се и некои активни активисти, кои работеле, а некои и сѐ уште работат за доброто на нашата заедница и Црква. Затоа, Ве повикувам да ми се придружите со аплауз да ги поздравиме и да им се заблагодариме за сѐ што направија, и за сѐ што прават за нашата заедница и Црква.
Возљубени мои сонародници,
Годинава изминуваат точно 250 години од незаконското укинување на Охридската Архиепископија и уште позначајните 50 години од нејзиното славно и радосно возобнување како Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија, па по тој повод се навраќаме назад во минатото кога Господ нѐ вдахнови и умудри на 17 јули 1967 година, кога Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква го свикала Третиот македонски црковно народен собор во Охрид, на кој беше донесена историската одлука за целосна обнова на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. „Со таа одлука беше исправена големата и тешка неправда“ во една прилика ќе каже нашиот миленик, потписникот на одлуката и првиот духовен татко на дијаспората, блаженоукоениот митрополит Полошко – кумановски г. Кирил, кој до последниот ден од својот живот беше најголем бранител на нашата Свети Климентова црква и нејзиниот устав. Не дозволи ниту едно туѓо влакно или прашинка да падне врз животот и дејноста на МПЦ – ОА, ниту пак врз нашата татковина – Македонија. Дедо Кирил не беше само великодостојник и архиереј, туку пред сѐ беше добар човек со големо и широко срце, владика со царско достоинство, кој секој пат беше во тек со својот народ овде на Австралискиот континент и насекаде во прекуокеанските земји, од мигот кога ја започнал својата мисија заедно со неговиот протоѓакон, а сега протојереј, почитуваниот отец Александар Цандовски, па како што напоменав сѐ до последниот миг од својот живот. За сето тоа што го направи за нас дедо Кириле, за твојот народ, твојот род македонски и за сите православни верници – вечна благодарност. Твојот спомен дедо Кириле и четири години по твојата разделба со нас е присутен, а и вечно ќе биде, бидејќи Вие во текот на Вашиот живот оставивте плодови и дела за паметење.
Почитуван македонски народе,
И денес во 21-от век борбата за потполна слобода на Македонија и Македонците продолжува. Македонците распостранети како синапови зрна ширум целиот свет и денес се борат за оние битки, кои ни остана за идентификација помеѓу народите, кои се слепи за нашата вистина и правда. Но ние имаме голема привилегија и голем факт, кој никој неможе и не смее да го оспори. Севишниот Бог, почитувани, знаејќи дека овој народ во времето ќе биде негиран – го запишал вечно и неизбришливо во најсветата и бесмртната книга, во книгата на животот, во Библијата (Светото писмо) и со тоа го оковечи пред сите народи и луѓе нашето постоење, кое денес и покрај тоа е негирано. Но боли фактот дека повторно грешките од минатото ги повторуваме. Повторно овој народ пати од своите предавници, страда од оние, кои го уништуваат она парче од нашата земја здобиено со молитва, но и со крв и како Јуда го предаваат својот народ за сребреници… Но во Светото писмо е вистината, која ќе не одржи како народ. И запомнете дека благодарение на верата – ние постоиме, Црквата не одржала како народ, но и се уште не одржува. Зарем не е така? Зарем ние во дијаспората секојдневно не сме сведоци на тоа? – Сме, ете и денес тоа го сведочиме. Убаво е да се биде свој покрај своите, покрај овие радосни лица, кои знаат да се радуваат на своите радости. Бог е нашата најголема радост, кога сме до Него на Литургијата ние сме на вистинскиот пат, на патот кој води во вечноста. Секогаш кога сме блиски до Бога како народ сме благословени и опстојуваме, но кога се одалечуваме од Него, се оддалечуваме и отуѓуваме и еден со друг, и како народ почнуваме да се уништуваме. Токму затоа Црквата е оној наш столб. Додека сме во неа – постоиме. Бог е Оној, Кој не благословил и не благословува. Први во Европа сме го примиле христијанството. Треба да бидеме горди и да ја оправдаме Божјата доверба. Во оваа насока апелирам, да се вратиме на Божјите патеки – за да опстоиме како народ.
Во овие пет децении на нашето постоење како жива епархија во Австралија се случиле најнапред многу радости и историски одлуки и настани, како и бројни грешки и неискористени можности, кои со голема жал мора да ги споменам. Сите вие знаете дека имало и има уште големи искушенија и предизвици, кои ни претстојат. Ете затоа нова деценија е пред нас. Ние немаме време да бараме виновници и носители на погрешни одлуки во минатото. Севишниот Бог и историјата ќе им суди ним. Не можеме да го промениме она што завршило, она што се случило, или она што поминало. Но, затоа можеме да влијаеме на она што доаѓа во сегашноста и она што нѐ очекува. Потполно јасно е запишано во Евангелието дека оној кој не собира – дека тој растура, но ние да не дозволиме некој повторно и повторно да не разнебитува. Да ги оставиме измислените проблеми, надметнатите поделби и кавги, бидејќи дошол часот да ја доизградиме плодната иднина на нашата МПЦ – ОА во овој далечен петти континент. Обидинета и заедничка МПЦ – ОА во Австралија ни е потребна! Само заедно можеме нешто искрено да направиме. Време е да се обединеме, драги браќа и сестри, и да кажеме веќе еднаш за секогаш не на предавниците на овој народ и на оваа света Црква. Тоа заедно го можеме. Да го започнеме тој нов почеток од денес сите заеднички и верувајте дека ќе успееме…
Црковните реформи на овој континент се неопходност, тие наскоро мора да се случат сѐ со цел да имаме подобра и посветла иднина. Сите вие ги знаете проблемите, кои не мачат како заедница, а за нивно решавање е потребна нова млада крв, труд и пот. Денес ние овде, во Австралија, се соочуваме со многу проблеми како заедница. Нажалост веќе третата генерација, младите луѓе како да забораваат на својата вера и на своите корени, јазик и традиции. А да се заборави тоа – значи да не се постои. Токму затоа и ни претстои на сите голема работа со младиот човек, кој треба да го вратиме во црквата, која е матица и наша мајка. Патеводителка кон спасението и вечниот живот.
Јас денес Ве повикувам драги браќа и сестри, и искрено Ве замолувам сите онака како што нашиот предок Македонецот пред скоро 2000 години го молел светиот апостол Павле да дојде во Македонија и да ни помогне. Денес мојата молба до Вас е сите заедно да се соединеме едни со други и сиот наш живот на Бога да му го предадеме. Редно е веќе еднаш да им кажеме збогум на непријателствата, омразата, зависта, љубомората, озборувањата и лицемерието и конечно да постанеме народ свет, царско свештенство и сите заедно со молба да Го молиме Бога да не вразуми и просветли и нас верниот народ, но и свештенството. Ете од ова место, во овој значаен ден повторно повикувам да ставиме крај на проблемите од едно минато, кое треба да ни биде поука – за новите времиња, времиња во кои уште повеќе сплотени ќе работиме на воздигнување на нашата татковина и Црква.
И на крај, со надеж за подобро утре и за наш напредок, Ве охрабрувам да чекориме заеднички кон поголеми успеси. Ве подравувам браќа и сестри и завршувам со овие прекрасни зборови: „Македонското име никогаш нема да загине – тоа ќе живее до крајот на светот и на векот!“. Амин.
Нека ни е честит и вековит јубилејот и од Бога благословен!
Др. Ананија Ананиевски,
заменик претседател на МОYA и член на Епархискиот црковно – просветен совет
[1] Говор изречен во Сиднеј (Нов Јужен Велс) – Австралија, на 08. 09. 2017 година – по повод прославата на двата големи јубилеи: 50 – години од возообновувањето на Охридската Архиепископија, т.е. од нејзиното прогласувањето за автокефална во лицето на Македонската Православна Црква; како и по повод 26 – годишнината од прогласувањето на независноста на нашата Татковина, Република Македонија.