Простете!
Простувањето е основа и почеток на духовниот живот како и за Големиот Пост.
Простувањето е примање на Бога во себе. Простувањето е врата, која ако простиме, ја отвараме и во срцето Го примаме Бог и оној на кого сме му простиле. Но ако некому не простиме, значи дека Христос е надвор од нашето срце и ние немаме ништо со Христос.
Простувањето е помирување, прво со Христос, а потоа и со ближниот. Ако Христос се поистоветува со секој еден од нас, тогаш ако му простиме на најмалиот, најдолниот и најпонижениот, сме се помириле со Христос. Ако не му простиме, тогаш со Христос не сме се помириле. Едноставно…
Простувањето е ослободување. Ако не простиме, гневот, нељубовта, студенилото, лошите желби или страсти, чувства и намери, впрочем сé што е гревовно и лошо останува во нас, сé до оној момент кога ќе простиме, односно, ќе се ослободиме од нив. Кога срцето се ослободува преку простување, благодатта расте, радоста е неизмерна, a љубовта неискажлива.
Во спротивно, ќе си ги носиме тежина, студенило, темнината во нас, а тoa е товар кој тежи и не’ измачува. Што е уште пострашно, ако не простиме, таа тежина, студенило и темнина продолжуваат и по смртта во вечни маки.
Заради паднатата и заробена од страсти човекова природ, не е лесно да се прости. Заробена, пред се, од страста на високото мислење за себе си, гордоста, или стравот од погазување на сопственото его, тешко ни е да простиме.
Но како да се бориме?
Едноставно – љубовта Христова треба да ни е пример и мерило. Тој дојде, пострада и се распна заради нас грешните, та и ние тоа да го направиме за Него и ближните. На почетокот од духовниот раст, кога го чистиме срцето од страстите, тешко е да се прости веднаш. Тогаш најважно е да сакаме да простиме и се потрудиме. Bажно е да се бориме и да не се предаваме. Според тоа ќе видиме дали и колку Го сакаме и сме со Христос. Ако успеeмe да простиме за пократок период, тоа значи дека сме поблиску до Него, и обратно.
За да простиме не треба да ја бараме човековата правда, туку Божјата, која што е милост. За да се прости, потребна е Божјата благодат. Простувањето е присуство на благодат. Господ да не смири и благодатта Божја да се всели во нас за да имаме сила да простиме.
Господ нека ни прости на сите нас. Барам прошка од сите вас што сум ви згрешил, а исто и простувам на секој што ми згрешил. Ве повикувам сите да си простиме помеѓу себе и да не дозволиме ѓаволот да стои помеѓу нас и да не разделува, туку Христос да е помеѓу нас!