Човештвото одамна отпаднало од височината на своето предназначение. Но зошто сега не напредува?
Гревот е најголемата причина. Сме се навикнале на него, така да ни станал втора човечка природа. Но самооправдувањето е уште еден проблем зошто сеуште тапкаме во место и припаѓаме како во жива кал.
Ако гревот ни станал природа, зошто тогаш и признавањето на гревот не ја прифатиме како природна состојба. За добрите дела што ќе ги направиме, знаеме да се фалиме. Па дури и ако случајно сме се нашле на место каде што некој направил добродетел, ќе си го препише на себе. Но зошто тогаш со иста мера не одговараме и за нашите грешки и гревови? Зошто секогаш бараме оправдание и виновник? Секогаш е некој друг виновен, само не ние. А пак да не зборуваме дека ќе го направиме тој подвиг, тугите гревови да ги земеме на себе.
И што тука имаме со Христос? Така направил Христос на крстот или “Он ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости” и “За праведник одвај ли некој да умре; за добар, можеби, некој и да се реши да умре. Но, Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни..” Затоа, да не се лажеме, очигледно е дека немаме ништо со Христос зашто, нашата љубов се ограничила и оладила. Солта ја изгубила силата.
Не зборувам за оние кои не го познаваат Христос. За нив велиме дека сеуште не ја спознале Вистината и Светлината не ги просветлила. Зборувам за нас христијаните. Тие што носиме црна риза и тие што не се одбележани.
Ех Господи Исусе Христе, колку сме далеку ние од тебе! Свети Григориј Палама непрестајно се молел: Господи Просветли ја мојата темнина.” Господи просветли ја мојата темнина и дај ми барем да си ги признавам грешките и да не ги осудувам другите.
Се додека ги гледаме работите само од наша перспектива, грешиме и ќе имаме конфликти со братот свој. Се до тогаш ќе имаме “оправдување” за нашите гревови и ќе ги повредуваме другите. Кога наместо себељубие ќе покажеме љубов и ќе се потрудиме да се смириме и да погледнеме и со очите на братот свој, тогаш ќе се видиме друга слика. Тогаш ќе го видиме братот оправдан и свет а ние грешни и виновни. Тогаш ќе имаме мир и разбирање.
Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!