Делегација од Австралиско – сиднејската епархија при МПЦ – ОА присуствуваше на Интронизацијата на епископ г. Василиос за нов Митрополит на Антиохиската епархија за Австралија, Нов Зеланд и Филипини

На ден 16 (сабота) декември 2017, во Сиднеј беше извршена Интронизацијата на наследникот на блаженоупокоениот Митрополит Павле (Салиба), епископот г. Василиос на тронот на Австралиско-новозеландско-филипинската епархија на Антиохиската Патријаршија. Интронизацијата ја изврши Антиохискиот патријарх Јован Х, кој периодов е во посета на Австралија. На интронизацијата присутвуваа преставници од Помесните православни цркви, кои битисуваат на Австралиско тло. Своја делегација на интронизацијата имаше и Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Делегацијата ја сочинуваа претставници од Австралиско-сиднејската епархија, предводена од Неговото Високопреподобие, архимандритот Гаврил (Галев) заедно со презвитерот Владо Недески.

Во Катедралниот храм „Свети Георгиј“ многуброен народ со радост дојде и учествуваше на чинот на Интронизацијата на својот нов духовен водач, Митрополитот г. Василиос. Народот со зборовите: Достоен, аксиос, достоин! – на својот Митрополит му го честита и потврди од Бога даден архиерејски чин.

По Интронизирањето, македонската делегација во духот на многугодишното пријателство помеѓу двете цркви, со љубов беше почестена и удостоена да се сретне со Неговата Светост Антиохискиот патријарх Јован X.

Архимандритот Гаврил од свое име, од име на делегацијата, како и од името на сите верни чеда на МПЦ-ОА на нововостоличениот Митрополит г. Василиос му го честита од Бога даденото Митрополитско достоинство.

Македонската делегација присуствуваше и на донаторската конференција, која се одржа денес (понеделник, 18 декември 2017 година) во Сиднеј. На донаторската вечера, која е дел од свеченостите по повод назначувањето на г. Василиос за Митрополит, зеле свое учество над 1000 луѓе. На повторната средба архимандритот Гаврил (Галев) од името на МПЦ – ОА на почитуваниот Митрополит г. Василиос му подарил свети мошти од свети Василиј Велики донесени од Македонија.

 

На Митрополитот г. Василиос уште еднаш му посакуваме многу успеси на нивата Господова и успешна соработка со МПЦ-ОА.

Повеќе фотографии и инсерти од Интронизацијата на г. Василиус можете да проследите на следниве линкови:

https://www.facebook.com/Antiochpatriarchate.org/videos/1105263756244003/

https://www.facebook.com/pg/Antiochpatriarchate.org/photos/?tab=album&album_id=1105021089601603

https://www.facebook.com/pg/Antiochpatriarchate.org/photos/?tab=album&album_id=1105048422932203