Црквата и младите – презвитер Оливер Суботиќ

…Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?

(Матеј 19,16)

 

Пред нешто помалку од два милениуми во Палестина е воден еден многу интересен дијалог кој останал запишан во Евангелието по Матеј (Матеј 19,16-22) и Марко (Марко 10,17-22). Некое богато момче, чие име не останало забележано, привлечено од појавата на Христос, пришло и Го прашало: „Учителе добар, што да правам за да имам живот вечен?“ Веројатно го препознавте почетокот на познатата приказна за богатото момче, кое ги имало речиси сите доблести и во целост било верно на Мојсевиот закон. Христос во него препознал огромен потенцијал за духовен живот и го повикал во целост да Му го посвети животот Нему, но срцето на момчето било премногу врзано за земното богатство. Оваа приказна често ја наведуваме како пример за лошиот однос кон материјалното добро, однос кој води кон ропство. Но, најважно е што оваа приказна го поставува круцијалното прашање за Вечниот Живот, и тоа од страна на еден млад човек.

Прашањето за животот и смртта младите и денес секојднево си го поставуваат себеси и на другите прашувајќи за смислата на сѐ околу себе – често на посебен начин. Некогаш тоа прашање било поврзано со смртта на најблиските, во втор случај е поврзано со невозвратена љубов, а во трет случај е во врска со тешките животни искушенија. Сигурно има и такви што мислат дека тоа прашање никогаш не си го поставиле, но грешат – го поставуваат со самиот начин на живот, имплицинтно. Прашањето не мора да биде поставено експлицитно, во класични реченични или мисловни состави. Талкањето во псевдореалност (како наркоманија, алкохолизам и деликвенција), внатрешни или надворешни конфликти (конфликти со сопствената личност и со луѓето околу себе) или барањето себеси во разни анархо-движења се само некои од несвесните одговори на прашањето за животот и смртта.

 

Жедта за вечен живот

Од каде е тоа вакви прашања, експлицитно или имплицитно, да ги поставуваат токму младите луѓе? Што е тоа што го прави младиот човек толку специфичен, што токму тој денес најмногу трага за одговорот на тие „проклети прашања“? Поедноставен одговор би можеле да побараме во пубертетските психофизички промени, но тие се ограничени само на еден одреден период  од неколку години, а овие прашања се поставуваат и надвор од тие временски рамки.

Можеби и не е потребно да се влегува во проблематиката зошто се поставува тоа прашање, туку да му се даде одговор. Младите луѓе никогаш нема да престанат да поставуваат прашања за Вечниот Живот (макар и несвесно) и да го бараат одговорот, бидејќи својата жед нема да можат да ја задоволат на погрешни извори.

Често се случува одговорот да го бараат во повисоките вредности, во статусните симболи, во парите, но и тоа е привремено – барем за оној што веројатно размислува подлабоко. Единствениот што може да ја изгасне жедта за вечниот живот е Оној што посведочил за Себе дека е Извор на Вечниот Живот –  Господ Исус Христос.

 

Одговорноста на свештенството кон денешните млади

Сите христијани, а особено свештените лица, имаат огромна одговорност кон младите луѓе што доаѓаат во Црквата – со што било да се поттикнати. Мораме да ги научиме на одговорноста во смисла да ги придвижат нивните души, кои се исполнуваат само во телесни активности, а ние ги сфаќаме на вистински начин. Најлесно е да му кажеме на младиот човек „немој да го правиш тоа“ – такви пригоди тој слуша од сите страни, а бунтовен, како што е, само го тераат во подалечна изолација. На младиот човек треба да му се отвораат нови видици, да му се дава подлабока смисла на секое прашање кое, можеби и несвесно, го поставува, да не се шаблонизира. Никој не вели дека тој труд стопроцентно ќе роди плод (богатото момче од приказната од почетокот на текстот, на крајот, сепак, се откажало и покрај тоа што пред него бил Самиот Христос), но треба да го правиме она што зависи од нас.

Најпосле, човекот гледа на лицето, а Бог на срцето, и никогаш не знаеме кој стои пред нас. Можеби идниот светител? Затоа имаме голема одговорност за секој млад човек што ќе дојде кај нас и ќе побара одговор. Бог на сите нас во секојдневниот живот ни испраќа обични млади луѓе со разбуден дух, кои често не ги разбираме или фарисејски ги осудуваме, или, пак, „овој пaт немаме време“ за разговор. Најлошо од сѐ е што тие по таквиот студен прием ќе кренат раце од сѐ или во сектите ќе бараат автентичен вид духовност. А ако постапуваме неодговорно, одговорноста за подоцнежниот трагичен пад ќе се бара од нашите раце (Езекил 3, 18). Кон младите – во тој контекст – треба да имаме три квалитета: отвореност, искреност и трпеливост.

Одговорноста е важна во поглед на оние млади луѓе што можеби немаат „конвенционален“ изглед (рокери, панкери и сл.). Не е добро да им даваме поуки за изгледот, туку треба да видиме како е облечено нивното срце, и во тој поглед да го водиме разговорот (сетете се на примерот за старецот Порфириј и панкерот што му доаѓал на исповед).

Искреноста е важна затоа што младите луѓе не сакаат лицимери: како ќе му ја проповеда свештеникот на млад човек потребата за воздржување со цигара во раката! Затоа треба да се биде внимателен и од младите да се бара само онолку колку што и самите исполнуваме – за да не се однесува на нас Господовото предупредување упатено до фарисеите (Лука 11, 46).

Трпение – за да се изгради еден храм, потребно е време и трпение, а за да се обликува на правилен начин храмот на Светиот Дух во младиот човек, потребно е истото тоа во многу поголема мера.

 

Животот во Црквата

За жал, младите денес најчесто имаат погрешни претстави за Црквата, често – под секуларното медиумско влијание – разбирајќи ја како некаква институција или, пак, дел од националното богатство и историја. Денес од таа причина е потребна катихизација на младите, пред сѐ преку образовниот систем во видот на училишната веронаука, но и многу пошироко од тоа зашто е потребно да го почувствуваат животот во заедницата на верниците собрани во името Христово. Со самото тоа ќе биде јасно дека христијанството не е празна филозофија или, пак, „едно од учењата“, туку токму ЖИВОТ, односно нов начин на живот во Воскреснатиот Господ.

За разлика од световните организации кои им помагаат на младите со организирање акции од типот „Играј за Животот“, Црквата ги повикува да го вкусат Животот. Иако таквите општествени акции помагаат во некои аспекти, тие сепак не одговараат на прашањата за животот и за смртта. Тука, исто така, лежи големо искушение зашто надворешната околина од христијанските мисионери често бара да се поведат според методиката на општествените институции заради краткотрајната добивка која во крајна инстанца, би резултирала со погрешна институционализирана претстава за Црквата.

Додека целото општество се обидува младите да ги обликува однадвор – наметнувајќи им разни забрани – Црквата цело време треба да им укажува на преображението одвнатре. А кога еднаш самите ќе ја почувствуваат благодатта на Светиот Дух како струи во целото битие, нема да биде потребно да им кажеме ниту еден збор – освен да ги поддржиме во животот во Христос.