ЧЕТВРТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИКИОТ ПОСТ – НЕДЕЛА НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК

Недела на Свети Јован Лествичник е четвртата недела на Велигденскиот пост, и доаѓа после Крстопоклоната недела. Оваа недела Црквата се сеќава на свети Јован Лествичник, духовен светилник и автор на капиталното дело на православната духовност – Лествица.

 

Духовно значење

Секоја од неделите на Великиот пост е посветена на определен настан, личност или мотив. Оваа недела Црквата се потсетува на сведоштвото на св. Јован за потребата од вистинска духовна борба („до крв“) за влегување во Царството Божјо. Исто така, овој мотив слуши за поттик на верните кон целта на нивниот подвиг во постот, зашто според Господа, само „оние кои издржат до крај ќе бидат спасени“ (Матеј 24,13).

 

Синаксар на Неделата на свети Јован Лествичник

 

Стихови:

Свети Јован го умртвуваше телото додека беше жив, Затоа сега живее вечно, иако е мртов по тело.

Во списот Рајска скала (Лествица), што ни го остави, Ни го опишува својот пат на искачување (кон небото) Јован умре во триесеттиот ден.

 

Кога тој имаше 16 години, бидејќи беше остроумен, се принесе себе си како света жртва на Бога, кога се искачи на Синајската Гора. Потоа, по 19 години, се предаде на безмолвие за време од 40 години, во манастирот Палестра, на местото наречено Тола, горејќи секогаш со љубов кон Бога. Јадеше се што беше дозволено според заповедите, но мошне умерено, совладувајќи ја мудро горделивоста. Но кој ќе го опише изворот на неговите солзи? Спиеше само колку да не ја повреди природата со бдеењето. Неговата молитва беше pостојана, а љубовта кон Бога неизмерна. Живеејќи така богоугодно, ја напиша и книгата Лествица (Рајска скала), во која го изложи своето учење за духовното усовршување, како и други книги, и се упокои во Господа.

По неговите молитви, Боже, помилувај не и нас и спаси не.

 

Химнографија

Тропар

 

Оче Јоване, кој на небесата засветли со добродетели,

а засаден на сигурна почва, набожно се искачи до неизмерната

длабочина на богосозерцанието; а откако ги победи лукавствата демонски,

ги штитиш луѓето од нивните напади, скало на добродетелите;

и сега се молиш да се спасат слугите твои.

 

Кондак

 

На висина од воздржанието Господ навистина

те положи, како ѕвезда вистинска, која ги осветлува

краиштата на земјата, наставниче, оче наш Јоване.