Честитка од Младинската организација до Архимандритот Гаврил (Галев) по повод 20-годишниот јубилеј од неговото ракополагање во јеромонашки чин

МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА МЛАДИНА НА АВСТРАЛИЈА – М О Y А 

03/2018 – 20 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ ОД ЈЕРОМОНАШТВО НА АРХИМАНДРИТ ГАВРИЛ

 

До:

Архимандрит Гаврил (Галев) 

 

Ч Е С Т И Т К А

Од мое лично име и од името на сите членови на Македонската православна младина на Австралија на нашиот духовен татко, Високопреподобниот Архимандрит г. Гаврил Галев (Галев), игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк – му го честитаме големиот јубилеј 20 години од неговото ракополагање во јеромонашки чин и му посакуваме уште поголеми успеси и јубилеи на Нивата Господова, крепко здравје, мирен и богоподобен живот.

На денешен ден (28ми февруари 1998) точно пред 20 години, Неговото Високопреподобие Архимандрит г. Гаврил е ракоположен од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички г. Наум во чин јеромонах.

Со Божјата благодат отец Гаврил почна едно духовно патување што го донесе во најдалечното место на мисијата на Православната Црква на Македонија – Охридската архепископија, наследничката на познатата Јустинијана Прима, во прекуокеанската епархија на Австралија и Нов Зеланд за да го прибере Божјото стадо. Нека неговата мисија расте, а неговите дела да се множат, како и до сега, при нашата света, соборна, и апостолска Црква.

Го молиме Бога и се надеваме дека конечно ќе се обедини Македонскиот народ тука во Австралија и Нов Зеланд, и дека ќе си го добиеме тоа што уште одамна требаше да го добиеме, тоа што реално ни припаѓа, што ни следува, а тоа е наш пастир, кој ќе се залага за својот народ, кој ќе се радува за добрите вести и дела и кој ќе тагува и ќе биде секогаш тука за и со својот народ во најтешки моменти како духовен татко и Митрополит Австралиско-новозеландски.

Дај Боже набргу во лицето на нашиот сакан Архимандрит г. Гаврил да го добиеме она што долго време го очекуваме, да добиеме свој Митрополит за слава на Бога и за духовен напредок за нашиот народ и Црква.

Нека ти е среќна годишнината, почитуван наш Архимандрите Гаврил – наш духовен пастир и извор на православното учење во Австралија и Нов Зеланд.

ДОСТОЕН, АХИОС, WORTHY!

На многаја и благаја лета!!! Спаси Христе Боже!

 

МУ БЛАГОДАРИМЕ НА БОГА ШТО ТЕ ИМАМЕ ПОСРЕДЕ НАС!!!

 

Со почит,

Ананија Ананиевски

потпретседател на МОYА

во Мелбурн – Викторија

28. 02. 2018 година.

moya@mpcaus.org