БEСЕДА ЗА ВТОРАТА НЕДЕЛА ОД ВЕЛИКИОТ ПОСТ: НА СВЕТИ ГРИГОРИЈ ПАЛАМА – МИТРОПОЛИТ Г. ТИМОТЕЈ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

Драги браќа и сестри!

 

Денес светата Православна Црква го прославува споменот на свети Григориј Палама. Црквата го нарекува   чудотворец и светилник на православието, тврдина и учител на црквата, непобедлив богослов над богословите, пофалба на солунјаните,  благодатен поборник и молитвеник пред Бога за нашите прегрешенија – воопшто црквата  немала доволно зборови да го опише неговиот свет и благоугоден живот, и неговите заслуги за Црквата. Сeто она што може да ја украси душата на христијанинот: силната вера, милосрдието, пламената молитва, испосничките подвизи, телесната и духовна чистота и подготвеност да се жртвува за верата, сето тоа  свети Григориј го имал.

Средината на 14 век,  во кој живеел овој Божји угодник, бил исполент со големи бранувања на Црквата. Имено, во света Гора живеел некој монах Варлаам од Италија, поточно од Калабрија, кој почнал да учи погрешни учења. Така Света Гора станала  место на расправии помеѓу монасите. Свети Григориј станал силно во одбрана на вистинската вера и затоа Црквата ќе го нарече тврдина и учител на Црквата

Свети Григориј не оставил податоци од каде е, и кој е, раководејќи се дека Бог сè знае и тоа не е важно, според монашките завети, да расправа за својата биографија, така што тој дел ќе отиде во гроб со смртта на овој Божји угодник. Но сепак знаеме дека бил од богат род, близок до царскиот двор во Цариград и таму го поминал детството со децата на царот. Но, тоа не го привлекувало и, кога наполнил 20 години, го напуштил дворот царски и се повлекол на Света Гора. Го избрал за свој духовен учител и раководител некој монах Никодим кој бил прочуен како строг испосник и подвижник. Така поминал долги години во строг пост, молитви и молчание. Свети Григориј се покажал како еден од големите заштитници на постот и му давал големо значење во  нашето душевно очистување и духовно препородување. Преку  постот, молитвите, созерцание и други испоснички подвизи, светогорските монаси толку  се очистувале од сè што е телесно и толку го одухотворувале  телото, што се удостојувале да ја созерцаваат Божјата светлина, каква што ја виделе апостолите на планината Тавор при Преображението на Господа Исуса Христа. Во тоа и се состоела славата на Атонските монаси.

На ова учење се спротиставувал монахот Варлаам од Калабрија и го нарекувал дека е тоа лага и слично. Со тоа предизвикал цела лавина на расправии помеѓу светогорските монаси. Така Атос, место да биде место мирно, спокојно за молитва, пост и подвизи, станал место за расправии и препирки. Црквата била принудена да свика два Собора во Цариград, каде било разгледано учењето на Варлаам и било осудено. Во расправата бил повикан од Света Гора и Григориј Палама што дал голем придонес во разобличување на оваа лажно учење. На основа на св. Писмо докажал дека преку постот и молитвата може да се достигне  до такво духовно совршенство и созерцание, да може да се гледа Божествената светлина, како што ја виделе апостолите за време на Преображението   Господово. Постот и молитвата водат кон праведност. Тоа се крилата кои ја издигнуваат душата до светост. Не е напразно речено за праведниците во св. Писмо: “Праведниците ќе засветлат како сонце”. На основа на излагањето на Григориј Палама Соборот во Цариград го осудил лажното учење  на Варлаам и го нарекол дека е еретичко. Тоа се случило за време на Византискиот император Андроник.

Свети Григориј Палама се пројавил како ревносен заштитник на православието не само со збор туку и со својот личен живот, тој се прославил, како кај верниот народ, така и кај духовништвото, но и кај Византискиот император. По желба на народот и  локаните власти бил поставен за архипастир на Солун, кој во тоа време бил без архиереј. Тој како архиереј уште повеќе се прочул и уживал општ почит кај сите, па дури и на Царскиот двор во Цариград. Во тоа време се случило некое недоразбирање во Царскиот двор и барале Григориј да интервенира. Така тој се упатил во Цариград и ја смирил таа бура што настанала во Византискиот двор. Еднаш, патувајќи за Цариград, бил прeсретнат од Сарацените и бил заробен и држен во ропство, но и таму проповедал и таму придобил повеќе души и бил ослободен. По враќањето пак ја зазел Солунската катедра, но по неколку години се упокоил од подвизите и измачувањата во заробништвото. Од голем почит кон овој светител, и ревнител Христов за Црквата Божја, еднодушно било одлучено во  Втората недела од Великиот пост да се прославува споменот на свети Григориј Палама, како голем  учител и носител на мир помеѓу светогорското монаштво.

Испосничкиот живот на денес празнуваниот свети Григориј Палама нека ни послужи  за најдобар пример, но и образец за поддржување на деновите преку Велигденскиот пост. Слично на него да го пазиме и почитуваме постот, како што ни доликува на вистинските христијани, без да го посветуваме вниманието на лекомислените  луѓе кои без да ја познаваат верата, го одрекуваат постот и молитвата. Да запамтиме дека постот дава торжество на духот над материјата; постот ја зацврстува верата – таа невообичаена духовна сила, која само таа на човек му дава поголемо достоинство, издигнувајќи го над земните влекачи, а истовремено  го доближува до Бога.

Да не заборавиме  дека Црквата го нарекува постот “чудесно оружие” кое го направи Мојсеј да биде Боговидец; пророкот Илија да се вознесе на небото со огнена колесница;  апостол Павле – да биде издигнат до третото небо, односно уште за време на животот бил однесен во рајот, а денес празнуванот Св Григориј Палама – да достигне преку постот до такво духовно созерцание, што можел да ја види Божествената светлина, како што ја виделе апостолите  на Тавор при Преображението  на Господа. Да се помолиме на св. Григориј Палама да нè зацврсти во постот и молитвата  и да нè избави од секави лоши мисли и дела  кои што имаат за цел да не ослабат во постот и молитвата. Амин.

 

04.03.2007 година, 2 недела од Велики Пост,

Капела свети Григориј Палама, Манастир Свети Георгиј, с.Рајчица – Дебар