Беседа за митарот и фарисејот – Архимандрит Гаврил

А на оние, што беа уверени во себе дека се праведни, и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола: Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: »Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам.« А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури (н)и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: »Боже, биди милостив спрема мене грешниот!« Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.” (Лк. 18, 9, 14)

 

Преку примерот на митарот и фарисејот, гледаме два модели на духовен живот.

 

Едниот, фарисејот, е побожен, го исполнува законот и е праведник, а другиот – митарот, е грешник, го прекршува законот и не е редовен во црква.

 

Едниот влегува и се моли вака и се фали: ваков сум, таков сум, постам толку, давам олку, не сум гешник како другите и обземен од својата суета и самодоволност не ни забележува дека суди, потценува, понижува и на крајот осудува конкретна личност велејки: „и што не сум како овој митар тука“.

 

А другиот влегува во храмот и сметајќи се недостоен, застанува на ктајот од храмот и не ја поддигнува ни главата кон небото, туку се удира во градите и вели: прости ми, Господи, биди милостив спрема мене, грешниот. Просветлен заради своето смирение спознава дека само Бог е единствен добар и милостив, а ние грешни и треба да се смируваме и бараме милост од Него.

 

Кој, од нив, пооправдан излегува од храмот. Одговорот е вториот.

 

Вториот се оправдал затоа што си ја увидел грешката, дошол во црква да се исповеда, се покајал и си го сменил животот, поставувајки здрава покајничка основа. Митарот не гледал високо за себе, иако можеби бил, здрав, прав, убав, богат, паметен.., но сметал дека неговите дела се мрски пред Бога.

 

Првиот пак, вистина бил побожен. Грешката кај него е тоа што сите тие добродетели што тој ги правел си ги препишува на себе, а не на Бог, Кој рекол дека без Него не можеме да направиме ништо и уште, секој совршен дар доаѓа од Отецот на небесата. Ние немаме ништо наше на земјата. Се што е наше е Божјо, а Бог сака да ни го даде. Ако ние немаме помош и благослов од Бог, ништо не можеме да направиме. Затоа треба да благодариме, но не и да се фалиме.

 

На човекот е својствено да прави добро, како што е својствено кучето да ја чува куќата, како што е својствено на мачката да лови штеточини. Проблем е ако не чува. Затоа ние не можеме да се фалиме со доброто, затоа што тоа ни е  нормално. Проблем е ако не правиме добро. Ако не правиме добро, тогаш не сме луѓе во вистинската смисла на нашата назначеност од Бога.

 

Ѓаволот не мирува. Тој на секој начин се обидува да ги напаѓа и мами луѓето да грешат. Измамата ѓаволска спрема оние што го исполнуваат законот и се побожни (црковни) се т.н искушенија од десната страна. На нив им создава голема слика за себе си, ги прави да се самодоволни и критериум за се, им го помрачува умот, го стврднува срцето и ги прави жестоки по срце, та сите што не се како нив и не размислува као нив, го презират, судат и осудуваат. Тогаш џабе им е ревноста,  постот, молитвата и одењето во црква.

 

Таквите се стават себе си во центарот на нивниот живот, а не Христос. Нашиот живот е христо-центричен и крстоцентричен. Христос е апсолутната Вистина и критериум за се и Он е центар на нашиот живот, а не ние или човекот. Несвесно самите себе се обожуваат и се поддигаат на ранг на божество, идол, и на тој начин таквиот човек си станува идол и го симнува Бога од тронот. Толку голем грев е самобендисаноста.

 

Поуката е дека не треба да судиме по надворешност, кој како излгеда и како живее. Секој грев доаѓа од ѓаволот, од непријателот. Затоа ние, како љубовни битија, не треба да се радуваме и ги судиме оние што грешат, да ги напаѓаме, потценуваме, повредуваме… Ако така постапуваме, тогаш на дело покажуваме дека немаме ништо со Христос. Секогаш треба да имаме љубов.

 

Што се случува во животот (срцето) на другиот не знаеме, само тој и Господ знаат. Ние треба да покажиме љубов и да го сакаме, без ралика кој е, како изгледа и како живее.

 

Најмногу што згрешил фарисејот е во тоа што осудил конкретен човек. Тој и судел и осудил. А што е најстрашно, според толкувањето на Светите Отци, направил хула на Светиот Дух, затоа што човек кого го осудувал, во тој момент, бил вдахновен од Светиот Дух и се каел заради Бога. Го имал Светиот Дух во себе и тој несвесно станал хулител на Светиот Дух.

 

Тоа се случува затоа што базата на духовениот  жвиот не е покајанието и смирениот ум пред Бога, туку гордоста и суетата, самофалбата, самодоволноста и истакнуавњето на самите себе.

 

Ако немаме покајание, се што правиме е прелест. Ако молитвата не е со дух на покајание, тоа е прелестна молитва. Кажуваме голем број молитви, умот лета, се полни со суета, а демонот си зема сила.

 

Демонот е голем фалбаџија и сеирџија. Ќе види надуен и празен ум и после уште повеќе ќе го дуе со помисли и ќе го шета и мами. Кој е горд и нерасудлив, нема да ги испита помислите, ќе и поверува и ќе биде фатен во стапицата. Само смирениот ум има проветление и правилно расудување за да ги види и препознае замките сатански. Стравот Божји не чува од секое зло.

 

И ревноста без покајание не е по Бога. На самобендисаните луѓе и самиот ѓавол им дава ревност во исполнувањето на правилото на црквата, но одземи им ја гордоста и инаетот и тогаш ќе видиш до кај се.

 

Тоа е неправилно воцрковување.

 

Затоа првата проповед и  на Спасителот Господ Исус Христос, и на св. Јован Предвесникот и на Апостолите и сите останати, им е за покајанието.

 

Без покајание и смирение, нема спасение.

 

Секој кој се понижува ќе биде воздигнат, секој кој се воздигнува ќе биде понижен и затоа Бог на гордиот ќе му допушти искушенија за да си ја скрши гордоста, да се понижи и да се смири и на тој начин да си ја спаси душата

 

За горделивите нема место во царството Божјо

 

Архимандрит Гаврил (Галев)