КАКОВ Е НАШИОТ КРСТ ВО ЖИВОТОТ

Во средината на Великиот пост светата Црква нè повикува на поклонување на чесниот крст Господов.  Постот е време за духовни подвизи, за самоиспитување, за покајание и за духовен живот.

„Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“ (Мк. 8:34). Така им рекол Христос на Своите ученици и на народот кој бил собран околу Него. Спасителот никого не присилува да постане Негов следбеник. Само кој сака, кој е убеден дека не треба да живее како животно, туку како син Божји, само тој решава да тргне по Христа.

Но, пред да тргнеме по Господа Христа, пред да се удостоиме да го земеме и да го понесеме својот крст, ние треба да се одречеме од себе си. Што значат тие зборови?  Христос не бара од нас да се откажеме од својот разум, од своите знаења, од својот имот и од својата положба во општеството. Он сака да се одречеме од себеси. Тоа значи дека сè што имаме: знаењето, силите, способностите, парите – да не ги користиме само за нас, туку да ги употребуваме во полза и на своите ближни. Кој го следи искрено Христа, кој свесно и сериозно сака да биде Негов следбеник, тој се одрекува од себеси, се откажува од својот егоизам и смирено го зема својот крст.

Каков крст подразбирал Господ Христос кога им говорел на Своите ученици? Сите тие порано виделе крст. Крстот бил средство на најстрашната и најстрогата казна. На крст Римјаните ги распнувале разбојниците и политичките престапници. Секој осуден требало да го носи својот крст до местото на казната. Кога Христос го споменал зборот крст, пред мислениот поглед на неговите слушатели се појавувале слики на ужас и на најтешки страдања. Спасителот сакал да каже дека Неговите ученици ако сакаат достојно да се нарекуваат христијани, не треба да очекуваат на земјата само среќа, туку треба да бидат подготвени да поднесат и тешки страдања.

Тој не зборувал за оние страдања што престапникот заслужено ги добива за своите престапи и заради нив бидува распнат на крст или е мачен и затворан. Он зборувал за крст како Неговиот и за страдањата што требало да ги поднесат Неговите следбеници за да ги спасат своите ближни и да победи правдата.

Секој христијанин треба да носи и, всушност, носи таков крст. За да спасиме некој свој ближен, за да му помогнеме, ние треба да се лишиме од нешто, или со други зборови, да претрпиме извесно страдање. Колку повеќе живееме за своите ближни, колку повеќе луѓе сакаме да спасиме и да им помогнеме, толку повеќе лишувања треба да направиме, толку потежок ќе биде и нашиот крст.

Христовиот крст бил најтежок затоа што на него Он ги понесол гревовите, тагата и бедата на сите луѓе што живееле и што ќе живеат на земјата.

Крстот што е одреден за секого од нас неспоредливо е полесен. Од нас не се бара да ги носиме гревовите на другите луѓе. Од нас се бара да понесеме само дел од грижите и од потребите на своите ближни и со тоа да им го олесниме нивниот живот. За многумина и тој крст изгледа многу тежок. Тој станува уште потежок кога ќе се натовариме и со своите сопствени беззаконија и гревови. Грешниот човек не е во состојба да го носи својот крст. Уште помалку тој е во состојба врз себе да ги земе туѓите грижи и страдања и да им го олесни животот на своите ближни. Праведните и свети луѓе носеле многу потежок крст, меѓутоа, го носеле со леснотија и со радост затоа што немале дополнителна тежина од свои тешки гревови.

Браќа и сестри, да не се жалиме од својот крст. Сигурно Господ ни дал токму таков крст што им одговара на нашите сили. Крстот е позив за христијанинот. Ако некогаш почувствуваме дека крстот ни натежнува, не треба да се жалиме за тоа туку треба да се радуваме дека Бог нè удостојува да нè вброи кон своите избраници.

На денешниот ден Црквата нè повикува да се поклониме на најтешкиот и на најголемиот крст што некогаш бил носен на земјата. „На Твојот крст се поклонуваме, Владико, и Твоето свето Воскресение го славиме“.

По крстот, следува воскресение. По тешките маки што ги претрпел Христос заради нашите гревови, Бог Го издигнал до Себе Си од Својата десна страна. И ние, ако го носиме достојно својот крст, ќе бидеме наградени со вечен живот и ќе воскреснеме од мртвите за вечна слава. Амин.

Протојереј-ставрофор

Ефтим Бетински

11.03.2018

Мелбурн

 

[1] Беседа во Третата недела од Великиот пост – Крстопоклона – Марко 8,34-9,1.