СО БОЖЕСТВЕНА ЛИТУРГИЈА СВЕЧЕНО БЕШЕ ПРОСЛАВЕН ЈУБИЛЕЈ НА ПРАВОСЛАВНИОТ ИНСТИТУТ „СВЕТИ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“

Професорскиот кадар, заедно со своите студенти на Православниот институт „Св. Кирил и Методиј“, на 8-ми јуни го имаа својот генерален состанок за овој семестар и по тој повод, а воедно и за патрониот празник на овој Институт, се собраа на заедничка свечена Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица”, во Данденонг, Мелбурн под јурисдикција на РЗПЦ.

На Божествената Литургија служија професорите протоереј-ставрофор митроносец, о. Николај Карипов од РЗПЦ, протоереј Петар Хил од РЗПЦ, кој што е и декан на Институтот и о. Немања Мрѓеновиќ од СПЦ и о. Гаврил Галев, игумен на манастирот „Св. Климент Охридски“ во Кинглејк, при МПЦ-ОА, кој што е и првиот завршен постдипломски студент на овој Православен институт.

Православниот институт „Св. Кирил и Методиј“ е високообразовен институт на Австралиско-новозеландската епархија на Руската православна црква надвор од Русија. Институтот е отворен за високо православно образование и на него студираат студенти од сите возрасти и од сите православни јурисдикции.

Институтот е отворен за студии на сите православни христијани, образува и подготвува кадар за кадар за идни свештенослужители и мисионери како и го надоградува сегашното свештенство да ја познаваат, применуваат и проповедаат православната вера во денешниот свет.

Им посакуваме успешна работа и богата мисија.