СООПШТЕНИЕ ОД СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА МПЦ-ОА ПО ПОВОД УПОКОЈУВАЊЕТО НА МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ


Синодско соопштение 

 

Ја информираме јавноста и верниот народ дека денес, понеделник, 25 ноември 2024 година, по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј.

Царство небесно и вечен спомен!

Датумот и времето на опелото ќе бидат дополнително објавени.

 

Кратка биографија на Митрополитот Тимотеј (1951 – 2024)

Митрополитот г. Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Потекнува од благородни и богољубиви родители Александар и Љуба Јовановски, кои уште од детски години го задоиле својот пород, меѓу кои и младиот Славе, со христијанска љубов и љубов кон Бога.

Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј–ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј–ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“, прво во манастир „Св. Илија“ во с. Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година.

По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската Архиепископија во Скопје. Потоа, заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско” и се здобил со магистерска диплома. На повик на САС на МПЦ – ОА, се враќа во Татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ по предметите: Литургика, Историја на уметноста и Патрологија. САС за МПЦ – ОА го назначи и за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Драчево – Скопје.

На 10 септември 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име ТИМОТЕЈ; на 11 септември 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир; на 13 септември 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица“ – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски“ (ман. „Св. Наум Охридски“) во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20 септември 1981 година е хиротонисан за архијереј на МПЦ – ОА во црквата „Св. Димитриј“ во Скопје.

Од 21 септември 1981 година, со Одлука на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата Дебарско–кичевска епархија која ја управуваше како нејзин Администратор, од кадешто со самопрегор и трпеливост ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, а со Дебарско–кичевската епархија до неговото упокојување. Од 2016 година од САС на МПЦ – ОА е назначен да управува како администратор со  Австралиско-сиднејската епархија.

Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија: беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија (1997 – 2000 год. и од 5. 7. 2002 до 1. 10. 2006 година), а до неговото блажено упокојување беше и портпарол на САС на МПЦ.

 

                                                                                                                  Од

                                                                                         канцеларијата на Светиот архијерејски синод на МПЦ – ОА