Св. мч. Бонифациј. Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на св. Бонифациј. Тој прво бил слуга кај некојабогата и расипана жена Аглаида во Рим и со неа имал нечисти и незаконски врски. И двајцата биле незнабожци. Еднаш Аглаида посакала да има во куќата маченички мошти, како некоја амајлија Што чува од зло. Па го испратила својот слуга во Азија да ѝ најде и да и го купи тоа што го сакала. Бонифациј зел со себе неколку робови и многу пари, па при разделбата со Аглаида ѝ рекол: „Ако не можам да најдам никаков маченик и ако тебе, госпоѓо, ти го донесат моето тело измачено за Христа, дали ќе го примиш со чест?“ Аглаида се насмеала и го нарекла пијаница и грешник. Така се разделиле. Кога дошол во градот Тарс, Бонифациј видел многу христијани на маки: на едни им биле отсечени нозете, на други рацете, на трети им биле избодени очите, четврти биле на бесилка итн. На Бонифациј му се променило срцето, се покајал за својот грешен живот и заплакал. Извикал пред христијанските маченици: „И јас сум христијанин!“ Судијата го зел на испитување, наредил, та страшно го камшикувале, па му истуриле врело олово во устата и, бидејќи тоа не го повредило, му ја исекле главата со меч. Робовите го зеле неговото тело и го однесле во Рим. Ангел Божји ѝ се јавил на Аглаида и ѝ рекол: „Прими го оној кој некогаш беше твој слуга а сега е наш брат и сослужител; тој е чувар на твојата душа и заштитник на твошјот живот“. Аглаида, ужасена излегла во пресрет, го примила телото на Бонифациј,
му изградила црква и ги положила во неа моштите на маченикот. Потоа таа се покајала, го раздала сиот свој имот на бедните и се повлекла од светот. Поживеала уште 15 години во горко покајание. Св. Бонифациј пострадал во 290 година.
Тропар, глас 4.
Бонифацие свети мачениче,
покајанието кон Љубовта Христова те поведе,
напоен со молитвите на мачениците,
ти за себе простување и венец од Господа измоли,
а за Аглаида, твојата придружничка солзи кои
ја мијат секоја нечистотија на човековата душа.
Моли се свети мачениче по твоето застапништво
да добиеме простување на греговите.