СВЕТА ЛИТУРГИЈА ВО МАНАСТИРОТ ВО КИНГ ЛЕЈК ПО ПОВОД ПРАЗНИКОТ НА ПРЕПОДОБНИОТ ГАВРИЛ, ЕПИСКОПОТ ВЕЛИЧКИ

На 12. 01. 2025, во 29 недела по Педесетница – Недела по Рождество Христово (Попразненство на Божиќ , кога Светата Црква ги прославува Светите богооци: Св. цар Давид, Св. праведен Јосиф и Светиот апостол Јаков брат Господов, како и споменот на нашиот преподобен отец Гаврил, епископ Велички; во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, отецот Гаврил (Галев) во сослужение на протојереј-ставрофор Јован Димиров и на протојерејот Петар Хил (професор и декан на Православниот институт ,,Свети Кирил и Методиј”) отслужи Света божествена Литургија.
На Литургијата учество зеде мноштво народ, кој имаше можност да се поклони на светите мошти на светител Гаврил Светогорец, епископот Велички, кој е светител од нашето време.
На крај присутните верници му го честитаа именденот на игуменот на манастирот, отец Гаврил (Галев) и му посакаа крепко здравје, големи успеси во новото Лето Господово, многу мигови исполнети со радост.
По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не! Амин.