+Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Почитувани отци, драги браќа и сестри:
Нема сомнеж дека живееме во време на отпадништво, пророкувано за последните денови. Практично најголем дел од луѓето се атеисти, иако многумина од нив, теоретски, сè уште веруваат. Рамнодушноста и духот на овој свет преовладуваат насекаде.
Која е причината на оваа состојба?
Причината е ладењето на љубовта. Љубовта кон Бога повеќе не гори во човечките срца, а како последица на ова и љубовта меѓу нас, е исто така мртва.
Што е причината на ова опаѓање на човековата љубов кон Бога? Одговорот, се разбира, е гревот. Гревот е темниот облак кој не дозволува Божјата светлина да стигне до нашите очи.
Но гревот секогаш постоел. Тогаш, како стигнавме до тој степен, што не само што не Го знаеме Бога, туку и вистински Го мразиме? Човековиот однос кон Бога денес не е вистинско незнаење или вистинска рамнодушност. Ако внимателно ги испитувате луѓето ќе забележите дека нивното незнаење или рамнодушност е извалкана од длабока омраза. Но никој не мрази нешто што не постои.
Имам сомнеж дека луѓето денес веруваат во Бога повеќе од кое било друго време од историјата на човекот. Луѓето го знаат евангелието, учењето на Црквата и Божјото создавање, подобро од кој било друг период. Тие имаат длабока свест за Неговото постоење. Нивниот атеизам не е вистинско неверие. Тоа е повеќе една аверзија кон некого, што го познаваме многу добро, кого го мразиме со сето срце, токму како што прават и демоните.
Ние го мразиме Бога, затоа и Го игнорираме, превидувајќи Го, како да не сме Го виделе, и глумиме дека сме атеисти. Во реалноста Го сметаме за наш непријател par excellence. Нашето негирање е наша одмазда, нашиот атеизам е наша освета.
Но зошто луѓето Го мразат Бога? Тие не Го мразат само затоа што нивните дела се темни, додека пак Бог е светлина, туку исто така бидејќи тие Го сметаат за опасност, за блиска и вечна опасност, како непријател во суд, како судски противник, како јавен и вечен гонител. Ним, Бог не им е повеќе семоќен лекар, Кој дојде да ги спаси од болеста и смртта, туку попрво суров судија и осветољубив инквизитор.
Гледате, ѓаволот успеа да направи луѓето да поверуваат дека Бог не нè љуби вистински, туку дека Он вистински се љуби само Себе Си, и дека Он нè прима само ако ние се однесуваме онака како што Он сака да се однесуваме; дека Он нè мрази ако ние не се однесуваме онака, како што Он ни порача да се однесуваме, и е навреден од нашата непокорност до тој степен, што за тоа мораме да платиме со вечни маки, од Него создадени за таа цел.
Кој може да љуби мачител? Дури и оние кои напорно се трудат да се спасат себе си од гневот Божји, не можат вистински да Го љубат. Тие се љубат само себе си, обидувајќи се да ја избегнат Божјата одмазда и да постигнат вечно блаженство успевајќи да го задоволат овој страшен и прекумерно опасен Создател.
Ја забележувате ли ѓаволската клевета на нашиот сељубовен, себлаг и апсолутно добар Бог? Затоа на грчки на ѓаволот му беше дадено името DIABOLOS (диаволос), „клеветник“.
Извадок од книгата “ОГНЕНАТА РЕКА” од Aлександар Каломирос