МИНИСТЕРОТ МУЦУНСКИ ГО ПОСЕТИ МАНАСТИРОТ ВО КИНГ ЛЕЈК И ОСТВАРИ СРЕДБА СО ИГУМЕНОТ ГАВРИЛ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, м-р Тимчо Муцунски во рамки на својата прва работна посета на Австралија, на ден 07. 02. 2025 година го посети најстариот македонски манастир во дијаспората „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк – Мелбурн.

Министерот со неговата придружба во манастирот беше пречекан од страна на игуменот о. Гаврил (Галев), кој што му посака топло добредојде и ги запозна почитуваните гости со историјатот на манастирот и неговата мисија помеѓу нашиот народ во Австралија.

За време на посетата министерот Муцунски оствари и средба со игуменот Гаврил, со претседателот на црковната општина во Мелбурн г-дин Дејан Змејковски, како и со останатите преставници на Македонската православна заедница за Викторија при што беше запознат со црковните состојби на Австралискиот континент и воопшто со предизвиците со кои се соочува македонската заедница во Австралија. Министерот беше воодушевен од местоположбата и мисијата на манастирската заедница. Средбата помина во пријатна и срдечна атмостфера.

Министерот Муцунски во рамки на својата посета на Австралија ќе посети уште еден храм на Австралиско-сиднејската епархија, храмот „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј. Тој во објава на социјалните мрежи изјави „Црквите играат клучна улога во поврзувањето со дијаспората, како и во зачувувањето на македонската култура, традиција и духовен идентитет“.