Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух
На денешниот ден го славиме настанот на Христовото возенсението на небесата. [Празникот Вознесение Господово – е ден во кој Господ се вознесе на неботo (Дела. 1, 1-12; Мк. 16, 12-19; Лк. 24, 50-52).
Откако Господ Исус Христос се распна на Kрстот за нас, за откуп на нашите гревови и избавување од смртта, во третиот ден воскрена од мртвите. Пропаста (пеколот), не можеше да го задржи заробен Оној Кој има власт над животот и смртта и Кој е творец на се, вистинскиот Бог. Кој за да ја покаже вистинитоста на Своето воскресение и да покаже дека Тој е очекуваниот, ветениот и проповеданиот Месија на светот, го потврдуваше Своето воскресение преку јавувања; најпрво на Пресвета Богородица, потоа на жените мироносици, па на апостолите и на сите други кои Тој ги избрал да им се покаже.
Откако воскресна со силата на Своето Божество на четириесетиот ден се вознесе на небесата од каде што и дојде. Се вознесе со истото тоа тело кое го прими од Пресватата Богородица Марија, сега само обожено и одухотворено, за ја удостои човечка природа со најголемо достоинство и слава да седи оддесно на Бог Отецот. Односно, Синот Божји, по благоволението на Бог Отец, се воплоти и стана човек соединувајќи го земното со небесното и преку Неговото тело ја подигне нашата падната природа, која што предходно беше создадена да се обожи и да учествува во Божјата природа, во царството Божјо. А која, пак, заради престапот и отстапувањето на нашите прародители Адам и Ева и приклонувањето кон гревот и страстите од овој свет, тие тој повик не го остварија и човештвото падна да се валка во тињата на страстите и гревовите, стана заробено од нив, од смртта и од ѓаволот.
Праотецот наш Адам ја затвори вратата на Царството Небесно и херувимот со пламено оружје беше поставен пред неа. Но љубовта Божја неможеше да истрпи и да го гледа Своето создание да страда.Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. (Јов. 3:16) Словото Бог се воплоти и стана човек, и со тоа Бог повторно му даде на човекот можност да се обожи и да стане бог по благодат. Адам згреши, го затворио рајот и патот кон животот, а го отвори патот кон смртта и адот. Господ Исус Христос, новиот Адам, го направи спротивното. Тој бидејки не направи грев, го победи ѓаволот, ја уништи смртта и го затвори адот, а ни ги отвори портите на Рајот кои нема никогаш да бидат затворени. А портите негови нема да се заклучуваат дење, бидејќи таму нема да има ноќ. И ќе ја внесат во него славата и честа на народите; и нема во него да влезе ништо нечисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето. (Откр. 21:25 – 27).
Затоа откако Господ Исус Христос го изврши спасителниот домострој, на четириесетиот ден се вознесе на небесата, за да му отвори пат на Светиот Дух да дојде и да ја направи реална можноста за обожување. Господ Исус Христос се вознесе на небесата но и не не остави сами. Ни го вети утешителот, Светиот Дух и затоа наште срца се исполнија со радост. Но Јас вистината ви ја кажувам: подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде кај вас; ако, пак, заминам, ќе ви Го пратам. Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се радува; вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост. (Јн. 16:7) .
На Педесетница (настан кој ни следува) Светиот Дух ја основа Црквата и преку Светиот Дух сите стануваме едно Тело Христово. Црквата стана наш дом и место каде ќе живееме и можеме да учестуваме во Божествените енергии и реално да ќе се причестуваме со Бога преку телото и крвта Христови кои Тој ни го остави како вистинска храна и вистинско питие. А Исус им рече: „Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. 54 Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. 55 Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинска напивка. 56 Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. 57 Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене. (Јн. 6. 53-57).
Вознесението Христово е многу важен настан од историјата на целото човештво. Ако Он не се вознесеше и не седнеше оддесно на Отецот, ниту Светиот Дух Господ ќе се симнеше на Апостолите, а преку нив и на светите Отци и на нас до денес, во Црквата и ние сеуште ќе немавме пристап до Бога и царствот Божјо. Ниту пак Второто Христово Пришествие и Страшниот Суд ќе беа веќе и уште не. Затоа, откако Христос – Началникот на нашето спасение го изврши таинството на Домостроителството – паднататa човечка природа ја возведе од земјата, од пропадливоста и смртта кон бескрајниот живот на небесата. Предосвeтувајќи ја со Своето Вознесение човековата природа во највисок степен, Господ ја направи способна да го прими Светиот Дух.
Господ се вознесе на небесата за да се застапува за нас пред Бога Отецот за што кажува св. Јован Богослов: 1 Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме Застапник, Исус Христос, Праведникот; (И Јн.2, 1-2) Христос Исус, Кој умре, но уште и воскресна, Кој е од десната страна на Бога и се застапува за нас! (Рим. 8:34).
Бог на овој начин ни го отвори патот кон царството небесно и патот кон Бога и спасението. Останува на нас сега, со наша волева сила, доброволно прифаќајки го Евангелието, Божјите заповеди и се она што Бог ни го допушта во животот со добродетелен светотаински живот во Црквата да бидеме учесници во Божјата природа, да бидеме вознесени во царството небесно и да бидеме она за кое Бог не создал. Како што св. Ап. Павле, по благодатта и промислата Божја, бил во тело вознесен на третото небо, кој заради возбудата и самиот не знаел дали бил во тело или без тело, видел неискажливи работи, почувствувал она што човекот не може да го почувствува, видел она што човечко око не може да види и човечки разум неможе да го разбери тоа Бог и за нас го приготвил .
Со Христовото вознесение на небесата, небото остана вечно отворено за човекот, како нов и вечен дом, престојувалиште. и ние како него да “Бог – вели свети Атанасиј Велики – станал човек, за човекот да стане Бог”. Бог се спуштил на земјата, за ние да се вознесеме на небото!
Ете ова е содржината на празникот Вознесение! – И нас ни е отворено вознесението, и ние сме повикан, и во него ми се открива целта, смислата и последната радост на мојот живот. “Во тоа е вистината за светот и за човекот, тука е она за што од вечност не повикува Бог”. Христос ни го отворил, ни го дарувал небото, преку себе ни ја укажал смислата на животот како аскезис, подвиг, напредување, искачување, восходење, вознесение, обожение.
Затоа браќа и сестри, да не се залажуваме со животните наслади од овој свет, кои навидум се убави и слатки, а во реалност се болни и горчливи. Кои како некој украсен балон кој ќе пукне и сета негова големина и убавина за миг ќе исчезне. Тогаш ќе сфатиме дека нашиот живот поминал залудно во суета и во лага и тогаш ќе заридаме и заплачеме. Но да се освестиме навреме додека сеуште има ден, да вложиме напор и да се помачиме заради царството Божјо затоа што вреди. Господ нека ни дава сила да издржиме во ова наше дело до крај. Амин.