ТЕЛЕГРАМА СО СОЧУВСТВО ОД ЕПАРХИСКИОТ УПРАВЕН ОДБОР НА АВСТРАЛИСКО-СИДНЕЈСКАТА ЕПАРХИЈА ПО ПОВОД УПОКОЈУВАЊЕТО НА НАДЕЛЕЖНИОТ АРХИЕРЕЈ, МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ

Со длабоко жалење ја примивме веста за ненадејното упокојување на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско- сиднејски г. Тимотеј, кој со децении раководеше со двете епархии за доброто и напредокот на нашиот богољубив македонски народ.

Како верен Христов следбеник Митрополитот г. Тимотеј се до последно беше посветен на црквата и верата, почитуван вероучител кој со децении го упатуваше својот богољубив народ во верата и духовна посветеност.

Митрополитот г. Тимотеј целосно беше посветен на дејноста за напредокот и растот на Македонската Православна Црква и беше ангажиран на повеке значајни функции се до последен ден. Митрополитот г.Тимотеј како постојан член на Синодот беше столбот во Македонската Православна Црква при донесување на важни Синодски одлуки, постојано ангажиран во дејноста за зачувуванје на самостојноста на нашата Св.Климентова Македонска Православна Црква – ОА.

Неговото повторно назначување за надлежен Епархиски Архиереј беше од големо значење за македонските православни цркви и црковни општини во Австралија и значително придонесе за зачувување на мирот и единството меѓу македонските верници. Со тоа Митрополитот г.Тимотеј стекна уште поголем авторитет и почит кај свештенството, преподобното монаштво и верниците на Австралиско-сиднејската Епархија во Австралија.

Митрополитот г. Тимотеј ке остане да го помниме како голем градител на цркви и манастири во Неговата Епархија, а исто така и за печатење на голем број црковно богослужбени книги.

Македонскиот народ заедно со членовите на Епархискиот Управен Одбор, свештенството, преподобното монаштво и со сиот клир од Автралиско-сиднејската епархија се длабоко ожалостени и постојано ќе го имаме во молитвите.

Господ Бог да го прости и нека му дарува Царство Небесно!

 

Од името на Епархискиот управен одбор на Австралиско-сиднејската епархија,

Архиерејски заменик протојереј-ставрофор,

о. Станко Јовановски