СЛОВО НА МИТРОПОЛИТОТ Г. ТИМОТЕЈ НА МОЛЕБЕНОТ НА ГРОБОТ НА СВЕТИОТ КИРИЛ СОЛУНСКИ ВО РИМ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Христос воскресе!

 

Ако на небото изгрее нова ѕвезда, дали нема да го привлече вниманието на сите луѓе кои ќе ја видат? Ако таа ѕвезда е силна, дали нема трајно да го задржи погледот и мислата, а можеби и недоумението на човечките срца? Ако, пак, таа ѕвезда никако не потемнува и свети преку цел ден за да ја засили дневната светлина, а во ноќта свети за да им го покажува на луѓето нивниот пат, дали тогаш тие со благодарност ќе се загледаат во неа, славејќи Го Бога затоа што им ја испратил? Дали нема да се заблагодарат и зарадуваат затоа што нашето небо е обогатено со уште една ѕвезда, која е толку силна и не затемнува и е важна за животот на луѓето? Но, ако човек нема очи за да ја види таа нова ѕвезда, тоа големо благодејание, тогаш тој најпрво мора да прими нов вид за да ја види ѕвездата, а таа ѕвезда да биде не само за неговиот вид туку и за сите луѓе.

Таква нова ѕвезда и таков нов светилник за сите словенски народи се браќата св. Кирил и Методиј. Двата рамноапостолски светители се најголемите благодети за нашиот народ, бидејќи тие се светлина кои им даваат зрак на луѓето за да го видат неопфатливото Божјо небо. Тие се Божји угодници и покровители на нашиот народ и се светилници кои ни се дадени од Божјата рака за да ги осветлуваат сите патишта во нашиот живот.

Овие светилници биле благослов за нашиот народ уште пред многу векови. Светлината на светикирило-методиевото дело никогаш не згаснувало во животот на македонскиот народ, во животот на нашите свети манастири и во нашите скромни храмови. Ова дело продолжувало да свети за да биде надеж и верба за подобри времиња и црковно-национална слобода за време на долгите страдања и ропскиот период. Ние го почитуваме делото на светите браќа Кирил и Методиј и им го признаваме извонредното значење за ширењето на христијанската култура и за просветната христијанизација. Нивното дело е почитувано со благодарност преку изобразувањето на нивните свети ликови по нашите цркви и манастири, а на денот на нивниот спомен, но и секојдневно,  ние им се обраќаме со љубов и почит.

Но, што треба уште да направиме? Денеска ги слушнавме зборовите на Исуса дека не се пали светило за да се стави под поклоп туку се става на светилник за да им свети на сите в куќи. И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас? Нема ли да го земеме светилникот што светата Црква на секој еден ни го дава како Божјо благословение, за да го поставиме на лично и високо место во нашиот живот? Сите треба да го земеме светилникот и секој да го однесе во својот дом и да го постави на најубаво место, таму каде што се наоѓа нашата домашна икона и тој светилник да нѐ осветува секојдневно во нашиот живот, од утро до вечер. Неговата светлина да ги осветлува лицата на сите во куќата, зашто во неа тие подобро ќе се видат и ќе се сакаат. Тоа да проникнува подлабоко во срцата и душите, да го разгорува поривот кон просветата, кон мудроста на вистината Христова која спасува. Таа светлина треба да има свое место и во нашите научно–културни институции, од каде што се очекува да се даде силен интерес за развој на културниот и научен раст на нашиот народ.

Светилникот на св. Кирил и Методиј, односно служењето, треба да ги осветлува и сите ходници на нашиот живот по кои влегуваме и излегуваме. Да не бидеме невнимателни кон христијанското звање, кое секогаш оживува кога врз него ќе падне светлината од големата ламбада на светикирило-методиевото дело. Само така ќе одадеме слава и чест и молитвен поклон на светите сесловенски учители – тие сјајни ѕвезди на небесниот свод над нашиот народ. Само така правилно ќе ги внесеме во верскиот живот неугасливите светилници што се запалени од Божествената светлина, за да бидат светилници на нашата лична, семејна и општествена судба. Така ќе ги возвеличиме овие големи благоделатели на нашиот народ, бидејќи ни ги отворија очите за да ја видиме светлината, да живееме во светлината, да создаваме во светлина и да се спасуваме преку светлината.

Светите браќа Кирил и Методиј да бидат покровители за напредокот на нашиот народ, на нашата  македонска просвета и култура, за нашата православна Македонска Црква и за нашата држава Македонија. Тие да бидат застапници пред Бога за едномислие меѓу Словените и за мир во целиот свет, онака како и што ги молиме во нивниот тропар. Амин.

 

Митрополит г. Тимотеј

 

Св. Кирил и Методиј

                                                Базилика „Св. Климент Папа Римски“ Рим, Италија

                                                24.05.2024 г.