СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО СИДНЕЈ ВО ЧЕСТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ

Ученици и наставници по македонски јазик на прослава во чест на македонските и сесловенски просветители, браќата Кирил и Методиј во македонскиот православен црковен храм што го носи името на светците, 26 мај 2024,Сиднеј.


Македонскиот православен црковен храм “Св.Кирил и Методиј” во Сиднеј и оваа година ги отвори вратите за стотина ученици кои го изучуваат македонскиот јазик во редовните, етничките и средните училишта во Нов Јужен Велс, заедно со нивните наставници, родители и други гости, да го прослават делото на светите браќа Кирил и Методиј.


“Ве молам продолжете да зборувате, да читате и да пишувате на македонски јазик, бидејќи тоа е дар што ќе го имате за цел живот”, им порача на учениците директорката на саботните центри за јазици во НЈВ, Сана Зреика.

Традиционалниот настан во чест на македонските и сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, секоја година го организира Македонскиот просветно-училишен одбор на Нов Јужен Велс.