![](https://www.macedonianorthodoxdiocese.org.au/wp-content/uploads/2025/02/20-450x598.jpg)
Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, г-дин Тимчо Муцунски, кој деновиве е во прва официјална работна посета на Австралија, на 08. 02. 2025 година беше пречекан од македонскиот народ во Сиднеј.
Утредента, на 09. 02. 2025 година, во рамки на своите посети, Министерот со својата придружба ја посети Македонската православна црковна општина „Света Петка“ во Рокдејл, каде што присуствуваше на неделната литургија со својот македонски православен народ.
Министерот Муцунски беше најтоплосрдечено пречекан од Управата на храмот, од чие што име парохискиот свештеник јереј Владо Недески му посака топло добредојде и го запозна со историјатот и дејноста на оваа црковна општина. Министерот го искажа своето задоволство дека денес, покрај многубројниот народ се чувствува како дома.
За време на престојот во храмот „Света Петка“ министерот оствари средба со македонскиот народ, со Управата на храмот, како и со преставници на македонските друштва и организации. За време на средбите беше нагласена важноста и насушната потребата за конечно обединување на македонската заедница во Австралија, која е наш најголем амбасадор во таа мултикултурна земја.
Храмот „Света Петка“ е втора црква од Австралиско-сиднејската епархија, која е посетена од министерот Муцунски, кој претходно во Мелбурн го посети македонскиот манастир „Свети Климент Охридски“. Министерот Муцунски е првиот македонски министер што ја посетил Австралиско-сиднејската епархија.