БЕСЕДА НА МИТРОПОЛИТОТ Г. ТИМОТЕЈ НА ВЕЧЕРНАТА ПРОШТАЛНА БОГОСЛУЖБА

„Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, изнемоштеност, властољубивост и празнословие“

(молитва на св. Ефрем Сирин)

 

На 17.03.2024 година, во Сирната недела – Прочка, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната служба, се помоливме и за добар почеток на Великиот пост, а свештенството и народот си простија еден на друг за сите направени грешки и прегрешенија. На крајот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Милостивиот Бог благоизволи повторно да дојдеме до ова благословено време на Велигденскиот пост. Со Негова помош и преку молитвеното благодатно содејство на Црквата да се издигнеме нагоре, на посакуваниот пат кон исполнување на нашиот христијански повик и кон нашето спасение. Примајќи го тој пат на светата Четириесетница, да Го молиме Семилостивиот Бог, Он да ги олесни бремињата на нашата совест, да ги скрши препреките на нашето срце и да го сруши јаремот на гревовите откако ќе ни ги прости. Ние знаеме дека самите не можеме да се излекуваме од нашата духовна немоќ туку дека само Бог може да нѐ издигне, да нѐ поткрепи, да ни ја испрати Својата сила, бидејќи уште во Стариот завет се вели: Дојдете… вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам – како снег ќе ги побелам;, да бидат црвени и како пурпур – како волна ќе станат бели (Ис. 1, 18). А добро знаеме дека дури и физичките немоќи и непријатности се надминуваат со Божјата сила. Но, за да ја примиме Неговата спасителна сила, потребна ни е вера, и тоа тврда и непоколеблива вера во Него, дека Он ќе сака, и дека нѐ сака и е силен да помогне. Ако имаме таква вера, тогаш ќе пристапиме кон Него со силни молитви и искрено исповедувајќи ги нашите гревови и нашата немоќ. Тоа треба да го правиме секој ден кога стоиме на молитва пред Бога. А посебно тоа треба да го правиме кога стоиме пред Црквата, за да не се лишиме од благодатта Божја и прошката при светата тајна Исповед. Божјата штедрост или дарежливост ни се предлага како Негова родителска прегратка, широко отворена за сите, која нѐ очекува да нѐ прегрне со сите наши искушенија, непријатности и паѓања. Никој да не пропушти да пристапи кон светата Исповед, која нѐ поставува пред престолот на Божјата љубов, за да ја почувствуваме семилостивата рака на Отецот врз Неговите немоќни чеда.

По неколку дена ќе пристапиме кон светата Причест, која го возрадува целиот живот на луѓето и ги поставува во активно духовно општење со животот на Исуса Христа. А преку оваа света Тајна, најприсно и најдиректно дејствува сеопштата Божја сила, како што и Самиот Исус Христос вели: И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите (Мт. 26, 27-28).

Божествената татковска помош ни се нуди секогаш, а особено сега за време на светата Четириесетница, кога светата Црква нѐ повикува да се приближиме до Бога со покајни солзи и со молитви, а Он да нѐ прими како Свои деца и да нѐ обдари со Своите богати духовни дарови и секого од нас да го прими под Својата силна десница. Но, како можеме да очекуваме таква голема милост и сакање од страна на Небесниот Отец, ако ние, кои сакаме да ги примиме Неговата милост и љубов не им простуваме на нашите ближни? Се вели: Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец Небесен (Мт. 6, 14).

Ние живееме во црковна, граѓанска и семејна заедница и заради тоа сите сме должници еден кон друг. Кој од нас може да каже дека ништо не должи на други? Кој од нас може да каже дека не извршил никаков грев? А грев е секое неисполнето задолжение кон ближниот. Секој грев, најчесто и пред сѐ, е нарушување на Божјата волја и љубов и помош кон ближниот. Тие гревови нѐ прават и Божји должници, кога веќе сме должници едни на други. Ние како слаби луѓе грешиме и пред Бога и пред нашите ближни. Затоа да испросиме прошка од Бога и од ближните, кои се чеда Божји. Да не се вознемируваме и да не се гневиме туку да молиме прошка за своите родители, браќа и сестри, за своите роднини и пријатели, за познатите и непознатите, и за сите луѓе со кои живееме и на кои им е потребна каква и да е помош. Да молиме за прошка, зашто ако се трудиме да востановуваме некоја човечка правда, само ќе си го нарушуваме спокојството на совеста и радоста на нашите срца. Луѓето што не опростуваат се отуѓуваат едни од други и се соединуваат со осаменоста. Осаменоста, пак, го притиска срцето и го лишува од радоста.

Секогаш треба взаемно да си проштеваме, а особено сега кога влегуваме во светата Четириесетница. Следејќи ги црковните и богоугодните народни обичаи, искрено треба да си простиме, да побараме прошка од сите, та измирени со сите да влеземе во Велигденскиот пост, подготвувајќи се за Божествената милост и прошка. Па, така, покаени и со простени прегрешенија, со добри срца да го дочекаме и светото Христово Воскресение. Амин.

Вечерна на Прочка
Храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид
17.03.2024 г.