† Стефан,
Архиепископ Охридски и Македонски
ЖИВОТ ВО СЛУЖБА НА БОГА И НА ЦРКВАТА
Господ Исус Христос, пред Своето вознесение, обраќајќи им се на апостолите, им рекол: Се враќам кај Мојот Отец и вашиот Отец, кај Мојот Бог и вашиот Бог[2]. Знаејќи го тоа, односно знаејќи дека Богочовекот со Својата смрт ја победи смртта и се врати при Својот Отец, Светата Црква исповеда дека смртта, всушност, не е смрт, туку е премин од распадливост во нераспадливост, од временото во вечноста. Но, сепак, денес е исклучително тажен ден за сите нас, зашто Светата Македонска Црква се простува со една од своите најзаслужни личности од нашево време. Свештенството, монаштвото и верниот народ на Охрид, на Дебарско-кичевската и на Австралиско-сиднејската епархија се збогуваат од својот духовен отец и архипастир, од својот учител во словото на вистината, во верата и во доброто, а Синодот на Македонската Православна Црква, пак, се разделува од својот работлив, сеоддаен член и гласноговорник. Сепак, за блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј ова е радосен ден, зашто тој заминува при неговиот Отец и нашиот Отец, при неговиот Бог и нашиот Бог, при Оној Кому Му го посвети сиот свој живот, при Оној Којшто му е: „воскресение и живот и покој“.
Во прокименот на Погребението, Црквата пее: „Блажен е патот по којшто одиш денес, душо, зашто ти се подготви место за упокоение“[3]. Па, иако Бог го повика Дедо Тимотеј, нашиот возљубен собрат, сотрудник и сослужител, порано одошто би сакале, утеха ни е тоа што сме уверени дека го повика подготвен за Царството небесно. Затоа, сокрушено прифаќајќи ја Божјата волја, знаеме дека возљубениот Митрополит денес оди на блажен пат, во местото на праведниците, каде што му е подготвено место за упокоение во прегратката Авраамова.
И самиот Митрополит Тимотеј, беседејќи на својата последна земна Литургија, отслужена пред неколку седмици, на Плаошник, за Господа Христа рекол: „Онаму каде што се појавува Он, таму се отвораат рајските двери, таму нема ни смрт, ни жал, ни воздишки, туку воскресение и бесконечен живот“[4]. Па, иако нашата човечка емоција нѐ приведува кон плач и солзи поради разделбата со него, ние, сепак, не треба да изумиме дека, бивајќи христијани, не смееме да тагуваме како оние коишто немаат надеж[5].
Свети Јован Златоуст, во свое слово за Велигден торжествено вели: „Смрт, каде ти е осилото? Аду, каде ти е победата? Христос воскресна, и ти си згазен; Христос воскресна, и демоните паднаа; Христос воскресна, и ангелите се радуваат; Христос воскресна, и животот победи“[6]. А Дедо Тимотеј, четириесет и три години како архијереј на славниот Охрид и на богомхранимите Дебарско-кичевска, Австралиска, Австралиско-сиднејска, а еден период и во Повардарската епархија, го возвестуваше Христовото воскресение, притоа силно исчекувајќи го славниот ден на своето и на сеопштото воскресние, денот на востановувањето на новото небо и на новата земја[7], денот на настапувањето на невечерниот ден. И бидејќи имаше таков целоживотен копнеж за конечната средба со Бога, бидејќи имаше такви жед и глад за Царството Небесно, и таква увереност дека Христос е Животот, неговото упокоение е „чин на заедничарење со Животот. Зашто ниту животот ниту смртта не можат да нѐ разделат од љубовта Христова“[8].
Возљубен народе, никому и никаде не му е лесно да говори на вакво место и по ваков повод. И особено тоа не му е лесно на човек за човекот со кого се познава, со кого повеќе од половина век работел за иста цел и за исти идеали. Имено, со блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј првпат се сретнавме есента во 1969 година, во Богословијата во Драчево: јас во прва, тој во трета година. Потоа бевме заедно и на Богословскиот факултет во Белград, па продолживме на последипломските студии, па бевме ангажирани и во Богословијата, и на Богословскиот факултет, и, за слава на Господа, и како архијереи, еве, до денес. По молитвите на светите Климент и Наум, честопати бевме удостојувани да бидеме членови на комисии и да бидеме претставници на нашата Света Црква, и насекаде и пред секого, без да се договараме, секогаш имавме исти ставови, исти прашања, исти одговори… Заедно бевме и на последниот избор за Архиепископ и по изборот повторно продолживме заедно. Можевме заедно, зашто носевме иста рана, зашто чувствувавме иста болка и баравме ист лек. И Му благодарам на Бога што, повторно заедно – го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме, така заедно и се израдувавме: и во Цариград, и во Белград и оттогаш пред секого и насекаде.
Возљубени, во оваа прилика, не сакам само да говорам за Дедо Тимотеј, туку, сакам, пред сите вас, и да му говорам нему. – Да, мој собрате и сослужителе, сакам пред сите да речам дека како Архијереј во Австралиската и во Дебарско-кичевската епархија, и на секаде кадешто од Македонската Црква бевте ангажирани, оставивте дело кое ни ʾрѓата ќе го нагризи, ни молците ќе го јадат[9]. Па, Вашето назначување за архијереј најави преображение и воскресение и на молитвениот богослужбен план и во градителството и во возобнувањето на древните светињи, со кои изобилуваат и Охрид и Дебарско-кичевската епархија.
Па Плаошник и „Св. Наум“, „Света Софија“ и Перивлепта, Бигорски и Пречиста, Канео и Заум, и уште многу, многу други светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте! Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете, а урнатите да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, го обновивте монаштвото, но, најмногу од сѐ, помогнавте да се обнови и да се гради Црквата во душите на богољубивата и христожедна паства.
Возљубен Високопреосвештен Владико, бевте светлина меѓу доверениот Ви народ, бевте светлина на врв планина[10], светлина која не може да се сокрие. Па, по свети Климента, благодарение и на Вас, Плаошник повторно свети и се гледа од сите страни и надалеку осветлува… Како вистински архипастир и архијереј, помогнавте и „Света Софија“ повторно да си го има местото за кое е и изградена – да биде храм на Божјата Мудрост и да продолжи да биде непоместлив и неосвојлив трон, за радост и за слава на Охридските Архиепископи. И навистина, со Вашите дела, со Вашето богољубие и црквољубие, со Вашето архијерејско и архипастирско служење, направивте Вашето заминување да значи и постојано Ваше останување, останување во бројните Ваши дела и во спомените на свештнослужителите, на монаштвото, на верниот народ и на сите коишто имале можност да работат, да соработуваат или да се сретнуваат со Вас.
Бевте посебен и во студиозното учење, и во одговорното работење, и во служењето и во богослужењето. Бевте редок книгољубец и плоден книготворец! Некои велат сте биле строг, но сите знаат и велат дека сте биле правичен! Работевте неуморно и сиот свој живот ѝ го посветивте на Црквата Христова и Македонска и на својот богољубив македонски народ. Во Охрид доаѓале многу архијереи – некои оттука, некои од подалеку, но времето ќе потврди дека никој не дал колку Вие и не дал како Вие! Па никој не дошол, по свети Климент, за да не замине, туку за да остане. И неслучајно телесно засекогаш ќе се населите на Плаошник, покрај свети Климент, за и оттаму да продолжите да помагате да се доистражи недоистраженото, да се дообнови недообновеното и, секако и пред сѐ, да се доодбрани вистината наша Охридска и Македонска! Можевте и умеевте многу – и многу и направивте! Но продолжете и натаму, зашто со Вашето молитвено застапништво отсега ќе можете уште повеќе да им помагате и на Охрид и на целата наша Света Црква. Од името на Црквата Македонска, на која неуморно ѝ служевте, однесете поздрави до сите кои тагуваа поради неправдите и долго и трпеливо очекуваа конечно да се слушне и да се разбере нашата вистина. Пренесете ја веста и сенародната радост до блаженоупокоените Архиепископи Арсениј и Доситеј и до сите кои христољубиво и богоугодно му служеле на нашиот народ и до сите коишто молитвено помагаа да ѝ се врати достоинството на древната Охридска столица.
Бевте неуморен во делото на нашата Света Црква, вложувајќи ги своите од Бога дарувани таланти: и верата, и љубовта, и знаењето, и умеењето и сите добродетели. Во текот на годините посетивте повеќе помесни Православни Цркви и запознавте и се спријателивте со повеќе архијереи, со што придонесовте за зближување на нашата со другите сестрински Цркви. Присуството на браќата архијереи од соседните помесни Цркви[11], како и пристигнатите писма и пораки со изрази на сочувство, го потврдуваат тоа, а го потврдуваат и новото време во кое Вие, возљубен Владико, во изминативе повеќе од четири децении неизмерно придонесувавте за како поколение да го дочекаме ова исполнето време за нашата Света Црква.
Високопреосвештен Владико, моиве зборови, колку и да се, ќе бидат малку за да ја кажат сета вистина и за да ја раскажат сета книга на Вашиот живот. Како Синод и како Црква, заедно со свештенослужителите, монаштвото и верниот народ, ќе Го молиме Оној Којшто не гледа кој е кој, туку секогаш суди според делата[12], да ја добиете заслужената награда, како достоен и беспрекорно работлив архипастир, кој верно ја проповедаше науката Христова. Знаеме дека денес ги гледате небесата отворени и Синот Човечки како стои оддесно на Бога[13] и дека го слушате гласот на Отецот небесен, кој Ви вели да влезете во радоста на Господарот[14]. И веруваме, Владико, дека оттаму ќе се застапувате за нашиот богољубив народ и за нашата Света Црква.
Затоа, возљубен народе, да се помолиме Бог, праведниот Судија, да го прости блаженоупокоениот Митрополит Тимотеј и да му дарува Царство Небесно меѓу праведниците! Амин!