Во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!
Денеска, светата Православна црква, прославува еден од Господовите празници, таканаречен Сретение Господово. Оваа година, празникот се совпаѓа и со неделен празник. Недела во која светата Црква, нè потсетува за Праведниот суд Божји. Суд, на кој ќе излезе секој христијанин, да даде одговор за своите постапки, направени во овој времен живот.
Сите ние, како вистински христијани, повикани сме, нашиот живот да го насочиме според барањата на нашата света Црква. Светата Црква, пак, од нас бара морален, справедлив и чесен христијански живот. Тоа значи да веруваме во нашиот Создател, Промислител и Спасител Господ Исус Христос. Да се молиме, да се каеме и да бараме прошка за сите наши престапи, гревови и отстапки кои нè оддалечуваат од Бога. Истите нè оддалечуваат од правдата, од вистината, од добродетелите. Ако живееме како што бара од нас светата Црква, чесен, верен и исполнителен христијански живот, тогаш нашиот живот ќе биде исполнет и со добри дела. Ќе биде исполнет со милосрдие, слога, почит еден кон друг, и сите наши постапки ќе сведочат за нас дека сме вистински следбеници на Господа Исуса Христа. Во Св. писмо, од страна на св. ап. Јаков се вели: „Зашто, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва“ (Јаков 2, 26).
Но, покрај ова евангелско четиво, кое нè насочува кон размислување за нашите постапки и нè подготвува да излеземе еден ден пред Лицето Божјо, со нашите дела и недела, светата Црква ни го изнесува примерот на праведниот старец Симеон. Оној кој Го дочекува и Го прима во своите старечки и изнемоштени раце, Младенецот Христос во Ерусалимскиот храм.
Овој благочестив старец, кој го познавал Стариот Завет и кој бил исполнет со добри дела и праведен живот, долго очекувал да Го сретне Избавителот и Искупителот на човечкиот род, Господ Исус Христос. Таа негова молба и молитва кон Бога, Бог му ја исполнил и на денешен ден, со неговите старечки раце, Го внел Господа Христа во Ерусалимскиот храм. Внесувајќи Го во храмот ја изговорил прочуената молитва, којашто светата Православна црква, ја чита или пее на секоја вечерна богослужба, со зборовите: Сега го отпушташ Својот раб со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое…
Според Стариот Завет, секое првородено машко дете се претставува пред Бога во Ерусалимскиот храм. Така постапила и св. Дева Марија со Богомладенецот Христос. Со духовни очи, праведниот старец Симеон, Го препознал Господа Христа. Препознал дека Он е Избавителот и Спасителот на човечкиот род. Тогаш му се исполнила неговата долго очекувана молитва да Го сретне и да Го види со свои очи Спасителот Христос.
И во новозаветната Христова црква, овој обичај и ова правило сочувано е до ден денеска, со таканаречената Голема молитва, кога родилката, по четириесеттиот ден од раѓањето, доаѓа во светиот храм, со својата рожба. Свештеникот, пак, ги чита очистителните молитви, а младенчето го воцрковува, изговарајќи ги, пред влезната врата, во средината на храмот и пред царските двери, зборовите: Се воцрковува работ/а Божји. А машките деца се внесуваат и во олтарот, изговарајќи ја молитвата на св. Симеон Богопримецот: Сега го отпушташ Својот раб со мир… Со овој свет чин, светата Црква, на мајката, родилката, ñ дава можност, повторно да ги ползува сите свети тајни и молитвословија, кои светата Црква ги нуди на секоја христијанска душа, која верува и има потреба од нив. Додека, пак, младенецот го претставува пред Бога, нудејќи му од Бога благослов, сила, енергија, благодат, којашто ќе го крепи, поддржува за да расте во вистински христијанин. Во живот исполнет со добродетели, за да може да спечали вечен и блажен живот во царството небесно. Иако младенецот, во моментот на воцрковувањето, не е свесен за овие Божествени тајни, благодатта, силата, енергијата Божја е врз него, го поддржува, заштитува и крепи од сите напади на нечестивите сили. Сили кои постојат и демнат, и се трудат да наштетат на секој човек, па небирајќи средства и на најмладите души.
И ние денеска, наоѓајќи се во овој свет храм, да си го поставиме прашање, со какво лице и со какви дела сме подготвени за да се сретнеме со нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Потребно е, со силна и непоколеблива вера, да бараме прошка за сите наши знајни и незнајни престапи и гревови. Па така, измиени и очистени, телесно и духовно, да можеме достоинствено да се сретнеме со Господа Христа. И не само да Го сретнеме, туку да постанеме присни Негови следбеници. Да ја исполниме Неговата волја, да правиме добри дела, да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!
Митрополит Тимотеј
Сретение Господово
- 02. 2015 год.
храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид