Заштитникот на верата – г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!

(Матеј 5,10)

Драги браќа и сестри,

 

Денес во храмот[1] посветен во негов спомен, дојдовме да го прославиме големиот заштитник на верата наша, дојдовме да му ја оддадеме заслужената чест на светиот Атанасиј Велики, архиепископот Александриски, кој неизмерно ревнувајќи за вистината и правдата, бранејќи го Православието од лажните учења претрпел дури гонение и страдание. Заради мноштвото негови животни дела – Севишниот Бог го удостоил со вечно блаженство во Царството небесно.

Мал е бројот на светителите што се клеветени и злосторнички гонети. Меѓу нив е и светиот Атанасиј. Тој се родил во Александрија, во 296 година. Од најраните години бил наклонет кон духовниот призив. Најпрвин му бил ѓакон на архиепископот Александар и го придружувал својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. За време на Соборот многу се прославил со својата ученост, благочестие и ревност за Православието, бидејќи многу придонесол за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напишал Символот на Верата кој на Соборот бил усвоен. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина.  По смртта на архиепископот Александар, ѓаконот Атанасиј бил избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин останал над четириесет години, иако не бил цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот бил гонет од еретиците. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одел кај преподобниот Антониј Велики, кого го почитувал како свој духовен отец. Дури пред својата смртта успеал некое време да проживее мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубело. Се упокоил во Царството Божјо, во 373.

 

Почитувани,

 

Во тек е првата подготвителна недела, од неделите кои го наговестуваат и постепено нè подготвуваат за почетокот на Великиот пост. Ете токму во оваа прва недела, позната како Недела на митарот и фарисејот, ние го прославуваме и споменот на свети Атанасиј, од чиј живот и дело треба постојано да се поучуваме. Неговите подвизи се за секоја пофалба. Неговиот живот бил страдање и тоа страдање заради вистината и правдата. Бил гонет само за тоа што сакал да ја сочува чиста Православната вера, само за тоа што ја возљубил Вистината, многу повеќе од лагата. На многумина тогаш им сметало неговото евангелско однесување, па неможејќи да ја слушаат чистата вистина, која произлегувала од неговото чисто и облагодатено срце – сесема неправедно го подложиле на големи маки. Но во маките се познаваат храбрите, се познаваат борците. Тој смело се борел не за себе и за своите лични интереси, не за слава и за власт, туку се борел и го бранел од ересите, од лажните учења нашето Свето Православие. Благодарение на него денес ние го имаме чисто и вистинско.

 

Драги христијани,

 

И во нашево време, како во ниту едно друго време се соочуваме со релавитизирање на вистината. Во овој свет, кога владее морална ерозија од ненормални размери секојдневно се среќаваме со безброј лаги и присуството на лагата, кое се јавува како отсуство на вистината е забележително. Многумина се користат со лаги и бегаат од вистината, но ние како христијани треба секојдневно да се трудиме по примерот на свети Атанасиј Велики да ја бараме и да се бориме за вистината, да опстојуваме во вистината, бидејќи само таа ќе не направи слободни личности, според зборовите на нашиот Спасител: „Ако вие останете при Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи” (Јован 8,31-32). Вистината единствено ќе нè ослободи – ако ја практикуваме, а пак најпрво треба да ја познаеме, да знаме – што е вистина? (Јован 17,38). Тоа прашање и многумина денес си го поставуваат, а и Пилат истото прашање Му го поставил на Господа Исуса Христа, Кој не му одговорил, бидејќи Пилат прашањето го поставил сосема погрешно. Тој запрашал: Што е вистина? – наместо: Кој е вистина? Да Го прашаше Пилат Исуса: Кој е Вистината, сигурно ќе добиеше одговор. Вистината е Кој, а не Што. Вистината е Личност, а не нешто. Бог е вистина. Како апсолутна и суперлативна Личност, Бог е Вистина. Да се биде слободен не значи ништо друго освен, да се биде во Божјата вистина, да се верува во Бога, во Богочовекот, Кој Сам сведочи за себе: „Јас сум патот, вистината и животот“ (сп. Јован 14,6).

 

Драги браќа и сестри,

 

Да опстојуваме во вистината, да бидеме со Бога, Ние луѓето како литургиски битија сме повикани да живеме и да се преобразуваме во вистината, а не во лагата. Вистината е многу едноставна и таа ќе нè ослободи и ќе не направи вистински слободни. Не нашите дела, ниту нашата храброст или сила, ниту нашиот народ, ниту нашата вистина, туку единствено Божјата вистина Зошто? Затоа што, да се биде слободен не значи да се биде велик во светот, да се биде слободен против ближните, да се биде слободен против Бога, туку тоа значи да се биде слободен од себе самиот, од својата невистина, во која сум сосем сам и во која ми се причинува дека сум центар на светот; да бидам слободен од омразата со која ја уништувам Божјата творевина; да бидам слободен од самиот себе, за да бидам слободен за другите. Зошто, единствено Божјата вистина ми овозможува да ги видам другите. Таа го привлекува моето внимание, ме насочува кон она што е над, и ми ја покажува другата личност. И заради слободата, ја доживувам љубовта и благодатта Божја. Вистината ја уништува нашата невистина и ја создава Божјата вистина. Таа ја уништува омразата и ја создава љубовта. Божјата вистина е Божјата љубов, а таа љубов нас нè ослободува од нас самите, за да бидеме слободни за другите.

Патот до Божјата вистина не е лесен. Тој е истиот оној пат преку кој Божјата вистина доаѓа во светот. Тоа е патот до Крстот.Заедницата која Го следи Христос мора со Него да појде и на Крстот, да пострада за вистината.  Невозможно е да ја најдеме и да опстојуваме во вистината и слободата, ако себе си не се предададеме на судот на Божјата вистина. Вистината и слободата нè водат и до љубовта. И денес многумина христијани, заради нивната вистина и слобода ќе бидат и се замразени од светот и дури ќе бидат гонети како светиот Атанасиј, но на крај христијанската љубов ќе победи. Љубовта секогаш победува – како што вистината е секогаш една. Да не се плашиме од вистината и правдата, туку да ги имаме во нашите срца и мисли. Нив да ги сведочиме и со нив да живееме и по цена на страдање, бидејќи: Блажени се гонетите заради правда, зашто нивно е Царството небесно! (Матеј 5,10).

Да ги упатиме нашите мисли кон животот на светиот Атанасиј, да го следиме и да ги упатиме нашите молитво кон него, да ни помага и да нè насочува кон вистинскиот пат до спасението, да ни биде наш закрилник пред Бога за да ни даде благодат да издржиме во страданијата и борбата против лагите и невистините од овој свет, та да го здобиеме ветеното царство, кое не е од овој свет, а кое е подготвено за оние од овој свет, кои неизмерно ја засакаа правдата и вистината. Амин!

За многу години, нека е празникот, а на оние кои го прославуваат споменот на светиот Атанасиј – нека им е вечна славата!

[1] Беседа изговорена во храмот „Свети Атанасиј Велики“ – с. Брвеница – општина Брвеница – Тетовско, на 31. 01. 2018 – (+Свети Атанасиј Велики, архиепископ Алесандриски; +Свети Кирил Александриски; Свети Максим, архиепископ Влахозадпланински).