„Исус, пак, кога дојде на тоа место, погледна нагоре, го виде и му рече: ’Закхеј, слези побргу, зашто денес треба да бидам во твојот дом.‘“ Господ му се обраќа на Закхеј по име и го открива неговиот копнеж исто како и на Натанаил, кому му рече дека го виде уште додека беше под смоквата. И исто како и Натанаил – кој веднаш сфати дека е истиот Оној кон Кого беа тогаш упатени неговите молитви со овој Исус, Кој сега пред него стои – така и Закхеј, сега, качен на смоквата, сфаќа дека неговото срце, односно неговото име и личност со сите тајни мисли и желби, како и копнежот да Го прими во својот дом, се откриени пред овој Исус, Кој навистина, како што и претходно беше слушал, не може да биде никој друг освен Самиот Господ, Кој сè знае; никој друг освен Помазаникот Божји, освен Синот на Благословениот.
„И тој веднаш слезе“ – знаејќи веќе преку својата засилена и оправдана вера многу добро и Кој го повикува и Кого треба да прими во својот дом – „и Го прими со радост“. И се радуваше многу поради тоа, како што човек може да се радува на првата благодат.
„И сите [кои високо мислат за себе и кои од завист судат и осудуваат], кога го видоа тоа, негодуваа и рекоа: ’Отиде во куќата на грешен човек‘.“
Но Закхеј, со своето вистинско, делотворно покајание, го оправда присуството на Богочовекот Христос во својот дом: „А Закхеј застана и Му рече на Господ: ’Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и, ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам‘“. Во тој момент Закхеј доволно се ослободува и од страста среброљубие и постапува како оној на кого Господ му вели: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене“ (Матеј 19, 21). И навистина, токму тоа и се случува – Закхеј го раздава речиси (ако не и) целиот свој имот и го добива сокровиштето на небото. Ослободувајќи се во доволна мера од страста славољубие и во доволна мера од страста среброљубие, човек вообичаено во доволна мера се ослободува и од страста сластољубие: „Но давајте милостиња според своите сили, тогаш сè во вас ќе биде чисто“ (Лука 11, 41). Ова е опис на состојбата на срце доволно очистено од страстите.
Спасението е секогаш поврзано со отворањето на срцето, со актуализацијата на благодатта на Крштението и со просветлувањето на умот – би рекол и со умно-срдечната молитва – макар и во последните моменти од нашиот живот. Така јас ги разбирам Господовите, односно Исусовите зборови со коишто Тој ги оправда постапките на Закхеј и ја потврди неговата нова духовна состојба – просветлување: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов [поинаку речено, зашто и тој е од оние коишто го наследуваат Царството Небесно], оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното“.
Еве и уште една потврда за понатамошниот правилен подвиг и духовен развој на Закхеј од неговото житие: „Светиот апостол Закхеј најпрво беше цариник и грешник, но кога Господ го виде качен на дрво во Ерихон заради Него, влезе во неговиот дом, а ова го приведе Закхеј кон покајание. Подоцна тој го придружуваше светиот апостол Петар, кој го постави за епископ на Кесарија Палестинска, каде што верно му послужи на Евангелието и мирно се упокои“.
Митрополит Струмички Наум