„Се исплашија хоровите ангелски, гледајќи Го Оној што седи во прегратките на Отецот, како Бесмртниот се полага во гроб како мртов, како ангелските чинови Го опкружуваат и со мртвите во адот Го слават, како Создател и Господ!“
(седален на Утрена на Велика Сабота)
На 06. 04. 2018 година, во навечерието на светата и Велика Сабота од Страсната седмица, во црковната општина „Свети Кирил и Методиј“ во Розбери, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Наум Деспотоски (старешина на храмот) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски отслужи Утрена богослужба на која, пред гробот и Христовата плаштаница, беа испеани Статиите на Оплакувањето Христово.
По литијата и трикратниот опход околу храмот, верниот народ поклонувајќи се ја целива плаштаницата и ги возвеличи Христовите страдања и доброволното погребение.
По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодно слово.