Активностите и плановите на новиот Црковен одбор (управа) при Црковната општина „Света Недела“ во Голд Кост (Квинзленд)

Со доаѓањето на новите членови во Црковен одбор при Црковната општина „Света Недела“ во Голд Кост (Квинзленд) најпрво си ја поставивме главната цел – да го отвориме храмот за верните. Од таа цел произлегоа и уште други две: да го завршиме неговото доградување, како и да обезбедиме редовен парохиски свештеник со цел да се возобнови литургискиот и светотаинскиот богослужбен живот при нашата црковна општина.

За кратко време со активна соработка и помош од Управата на Австралиско-сиднејската епархија, како и со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски успеавме да ја исполниме главната цел – да го отвориме храмот за нашите верници и тој да стане црква, место, каде што ќе се собира заедницата на верните. Тоа на дело се посведочи за време на Божиќните празници, кога во нашиот храм богослужеше протојереј-ставрофор Ѓеоргија Лапоски, а на богослужбите присуствуваше голем број на верници. Радоста кај верниците беше голема што по толку време имаа служба во својата парохиска црква. Таа радост продолжи и за Богојавление. Тогаш во посета на нашата Црковната општина од 18 до 21 јануари беше Неговото Високопреподобие, Архимандритот Гаврил (Галев), игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија), кој освен што богослужеше, успеа да оствари низа состаноци со Црковниот одбор и управата на храмот. Исто така, благодарение на протојереј-ставрофор Ѓоргија Лапоски повторно имавме богослужба во Првата недела од Великиот пост – позната како Недела на Православието.

Уште од почетокот на нашето доаѓање како Управа, па и во моментот разговараме со неколку свештеници и се надеваме дека за брзо време ќе успееме да обезбедиме редовен парохиски свештеник сè со цел активно да продолжи и да се развие литургиско-богослужбениот и духовниот живот при нашата црковна општина.

Во меѓу време, пак, се зафативме и контуинирано работиме на доградување на нашиот храм. Изминатиов период од месецов ја измалтаривме надворешноста на храмот и потоа направивме работна акција – со цел довршување на градежните активности во парохискиот храм во пресрет на приближувањето на големиот христијански празник Велигден. Работната група се фокусираше на конечното довршување и белеење на фасадата на храмот со што тој доби нов изглед.  Исто така беше посветено внимание на внатрешноста на храмот.

Од пред неколку дена организиравме играорна група, која започна со работа. За играорната група наидовме на многу позитивни коментари. Предизвикавме и голема радост како кај најмладите – така и кај постарите.

За престојните Велигденските празници успеавме да обезбедиме свештеник. Ве известуваме дека во нашиот храм, протојереј-ставрофор Ѓоргија Лапоски ќе богослужи по повод Велигденските празници. Ве покануваме сите да земете активно учество на богослужбите – за подостојно одбележување на нашиот најголем празник.

Во иднина имаме уште многу планови, проекти и активности, кои ни се во фокусот. Ние како млад Управен одбор се ветивме пред Севишниот Бог и пред Македонскиот народ дека максимално ќе се залагаме да го комплетираме целосното завршување на храмот, да обезбедиме редовен парохиски свештеник – за да се обнови литургиско-богослужбениот живот и на тој начин да се проширува нашата христијанска вера. Исто така ќе се потрудиме значително да ја негуваме Македонската култура, фолклор и традиција.

Тоа што изминатиов период ни дава голема енергија да продолжиме уште поактивно со работа е враќањето на голем број на верници во нашата црква. Така за време на Божикните и Богојавленските празници, па и во првата недела од Великиот пост – кога во нашиот храм имаше богослужби, истиот беше преполн со верници. Исто така најавата и очекувањето дека голем број на верници ќе го посетат нашиот храм за време на престојните Велигденски празници е уште еден голем плус за нашата Црковна општина.

Од многу посетители и верници секојдневно имаме голема подршка за се што правиме – за што им сме особено благодарни. Ја користам оваа прилика особено да му се заблагодарам на надлежниот архиереј г. Тимотеј, на Управата на епархијата, на Архимандритот отец Гаврил и на отец Ѓорѓија, но и на сите членови, кои низ времето допринеле за развој на нашата црковна општина, на претходните управи, на тие кои помагале да се изгради нашиот парохиски храм, како и на учесниците во низата работни акции и на оние, кои на било кој начин допринесуваат за развиток на нашата црковна општина и за доброто на цела Македонска заедница во Голд Кост.

Се заблагодаруваме и на Информативната служба при епархијата, која исто така се стави на располагање и секојдневно го подржува развојот на оваа црковна општина.

Со вера и љубов во Нашиот Господ Бог Исус Христос и со полна надеж дека ќе биде со нас во секое дело и дека ќе ни помогне да ги исполниме нашите идеи и цели и дека за брзо време црквата „Света вмч. Недела“ од Голд Кост ќе биде на степен како што личи и прилега, Ве поздравувам со поздравот: Христос посреде нас!

 

Известува:

Лазар Спировски