Кондак 1
Пред Тебе, Избрана Војвотко, нема да престанат нашите молитви*, Сесвета Дево Која си го родила Спасот на душите наши – вечната Радост. Ослободи не` од секакво униние и очајание за да Ти пееме:
Радуј се Радост наша, Ти која на рацете Свои ја носеше Радоста на сиот свет!
Икос 1
Откривајќи ја вечната тајна, Пренепорочна Дево, бестелесниот Архистратиг Гаврил со страв Ти говореше:„Радуј се Благодатна, Господ е со Тебе!“. Ние, пак, грешните, со нечисти усти се осмелуваме да Ти пееме:
Радуј се, Богоневесто!
Радуј се, Винова Лозо!
Радуј се, Ти која Дева остана и пред раѓањето и по него!
Радуј се, Цвету кој не венее!
Радуј се, Ризницо на чистотата!
Радуј се, благомирисно Кадило!
Радуј се, Миро скапоцено!
Радуј се, Трпезо одухотворена затоа што си Сместилиште на Светлината неминлива!
Радуј се, Очистување на сиот свет!
Радуј се, Радост наша, Ти која на своите раце Радоста на сиот свет ја носеше!
Кондак 2
Исполни го со веселба моето срце, ублажи ја мојата тага, Пресвета Дево. Просветли ја со светлината на неминливата слава мојата тажна душа, за да Му воскликнам на Мојот Создател: Алилуја!
Икос 2
Разумот човечки не може да сфати како Ти безбрачна во утробата своја го прими Бога на сите и го роди Синот нетленен, па со страв Ти воскликнуваме:
Радуј се, Земјо незасеана!
Радуј се, Капино несогорлива!
Радуј се, Длабочино несогледлива!
Радуј се, Мосту Кој на небо водиш!
Радуј се, Лествице висока Која Јаков ја виде!
Радуј се, божествена Храно!
Радуј се, на клетвата Уништување!
Радуј се, на Адам го Воздигнување!
Радуј се, затоа што Господ е со Тебе!
Радуј се, бидејќи темнината на гревот ја разгонуваш!
Радуј се, зашто ги уништи портите адски!
Радуј се Радост наша, Ти која ја носеше во своите раце Радоста на сите и на се`!
Кондак 3
Застапништво и покров на мојот живот Си, надеж и утврдување,Ти Севоспеана. Исцели ја мојата душа затруена од гревот, за да можам на Небесниот Женик постојано да Му пеам: Алилуја!
Икос 3
На Севишниот осветено божествено Пребивалиште, радуј се, зашто си им дала радост на оние кои Ти пеат Тебе, Богородице:
Радуј се, зашто си повисока од небесата!
Радуј се, зашто си почиста од сончевата светлината!
Радуј се, Пребивалиште на Творецот на небото и земјата!
Радуј се, прекрасно сите кон Бога ги насочуваш!
Радуј се, почесна од Херувимите!
Радуј се, неспоредливо пославна од Серафимите!
Радуј се, Бедему наш и Заштито!
Радуј се, Поразу и Ослепување на демоните!
Радуј се, зашто портите рајски за нас ги отвораш!
Радуј се, Марије, Владетелке на сите нас!
Радуј се, Радост наша, Ти која во рацете ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 4
Унинието и тагата ја мачат мојата душа и Кому да се пожалам Владичице, Кој ќе ги слушне плачот мој и моите воздишки ако не Ти Богородице, Која ја роди Радоста на небото и земјата, Царот Христос Бог наш Кому херувимите и серафимите заедно со нас Му пеат: Алилуја!
Икос 4
Не ќе замолкнат устите мои и не ќе отстапам од Тебе, Владичице, зашто Ти ги спасуваш слугите Свои од сите лути невољи и жалости. Затоа ти се поклонуваме и со умиление Ти пееме:
Радуј се, на натажените Радост!
Радуј се, зашто ги бараш изгубените!
Радуј се, на нашата тага Ублажување!
Радуј се, Застапничке на напаѓаните!
Радуј се, Хранителке на гладните!
Радуј се, Утехо во подвижништвото!
Радуј се, Пристаниште на носените од бура!
Радуј се, на уплашените Доме!
Радуј се, на немоќните Покрову и Помошничке!
Радуј се, Жезло на потпора во староста!
Радуј се, Мајко на Нашиот Бог!
Радуј се, Радост наша, Ти која во своите раце на носеше Радоста на сиот свет!
Кондак 5
Затапничке на сиот свет, исполни не` со радост сите нас кои прибегнуваме кон Тебе како кон Мајка на најголемата Радост. Покриј не со светиот омофор Твој и избави не` од секоја неволја, искушение, тага и болест, за да Му пееме на Бога: Алилуја!
Икос 5
Крепка Молитвеничке, несоборлив Бедему, Источнику на младоста, на сите православни Прибежиште, Богородице Дево! Прими го од нас ангелското пеење:
Радуј се, Радост и Слава на тие кои веруваат!
Радуј се, Чудо над чудата!
Радуј се, на сите светии вистинска Потпоро!
Радуј се, од неволјите брзо не` избавуваш!
Радуј се, Ти во Која се смести Живиот Бог!
Радуј се, Заливу на милост и добрина!
Радуј се, одухотворен Храму!
Радуј се, слатка Утехо на сираците и вдовиците!
Радуј се, нивно непотрошливо богатство!
Радуј се, Невесто неневесна!
Радуј се, Радост наша, Која ја носеше во рацете Свои Радоста на сиот свет!
Кондак 6
Во сиот мој живот не оставај ме, Мајко Божја. Удостој ме со добар крај на мојот живот, за да му воскликнувам на Спасителот Бога: Алилуја!
Икос 6
Избави ме од секакво искушение и страсти, Сенепорочна! Смилуј ми се, исполни ме со радост и од лутите бесови избави ме и заштити ме за да ти пеам од сето срце:
Радуј се, непоколеблива и силна Надеж наша!
Радуј се, на сите Царице и Владичице!
Радуј се, Ризницо на целата вселена!
Радуј се, сите верни ги утврдуваш!
Радуј се, ревносна Застапничке на родот христијански!
Радуј се, зашто го роди Најсветиот меѓу светиите!
Радуј се, небесен Престолу!
Радуј се, непресушен Извору на вода жива!
Радуј се, Оградо и свештено Прибежиште на сите кои на Тебе се надеваат!
Радуј се, Застапничке на христијанскиот род Која не ги посрамуваш тие кои го бараат Твоето застапништво!
Радуј се, Чашо полна со радост!
Радуј се, Радост наша, Која во рацете свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 7
Во часот на мојата смрт, Себлага, заштити ме и нека мојата соголена душа во часот на нејзиното одвојување од телото прими од Тебе радост, за да Му запеам на Победителот на смртта и пеколот: Алилуја!
Икос 7
Не го одвраќај радосното лице Твое од мене, Богородителко! Услиши ја мојата молитва и нека моите воздишки дојдат до Тебе, Пресвета Дево! Услиши ме во денот кога повикувам за да Ти принесувам восклици вакви:
Радуј се, величествена Песно на Ангелите!
Радуј се, Покрову и Заштито на сите христијани!
Радуј се, Пофалбо на апостолите!
Радуј се, Венецу на мачениците!
Радуј се, Столбу на девственоста!
Радуј се, на Ева од солзите избавување!
Радуј се, на посниците Воздржание!
Радуј се, Веселие во сегашниот живот!
Радуј се, Умиление на монасите!
Радуј се, Украсу на светителите!
Радуј се, Убавино на свештениците!
Радуј се, Радост наша Која во рацете Свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 8
Со свештена светлина си пошла во пресрет на Женикот на душите наши, Пречиста. Дарувај ми и мене со бодро срце и трезвена мисла да ја минам ноќта на претстојниот живот, да влезам во Неговите светли одаи и да Му запеам на Судијата на сите и Бог: Алилуја!
Икос 8
Единствена чиста и непорочна Дево, удостој не` со небесната слава. Како нашите роднини, пријатели и познаници, нека Господ по сесилните молитви Твои, Пречиста, ги упокои во место светло, кајшто нема ни болест, ни тага, ни воздишка, таму кајшто е вечниот живот; нека Господ им го прости секое согрешение кое го сториле од младоста до смртниот час за и тие заедно со нас да Ти пеат:
Радуј се, зашто во Успението Твое не си не оставила!
Радуј се, зашто од смрт ги избавуваш душите наши!
Радуј се, незаспивлива во молитвите Богородице!
Радуј се, зашто не` причестуваш со рајска радост!
Радуј се, зашто Бога го роди во тело!
Радуј се, зашто не` изведуваш од провалијата на пропаста!
Радуј се, радосно Упокоение на сите кои умреа во вера и надеж!
Радуј се, надеж на безнадежните!
Радуј се, зашто ни ги отвораш дверите на милоста!
Радуј се, зашто го уништуваш гревот смртен!
Радуј се, Радост наша Која во рацете Свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 9
О, Богородителке, избави не` нас Твоите грешни слуги од пеколот огнен, од мракот и маките адски и удостој не со животот вечен, како на Преслаткиот Исус би му пееле низ сите векови: Алилуја!
Икос 9
Пречиста Дево, со Твоето застапништво пред Престолот на Севишниот, освети ги мојата душа и телото и срцето мое, целиот обнови ме, украси ме, оцеломудри ме, просвети ме и благослови ме со Твојот небесен и земен благослов, како би Ти воскликнувале:
Радуј се, Мајко Неневесна!
Радуј се, зашто преку Тебе го познавме Синот Божји!
Радуј се, Бедеме несоборлив!
Радуј се, најсовршено Спасение на душите наши!
Радуј се, Владичице и Мајко на Избавителот од вечна смрт!
Радуј се, посвета од светите ангели!
Радуј се, зашто од Тебе Господ навистина се зацари и во убавина се облече!
Радуј се, зашто ја отстрануваш гревовната нечистотија!
Радуј се, посветла од пролетно утро!
Радуј се, зашто ја скроти страшната бура на мојата душа!
Радуј се Радост наша, Ти која во рацете свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 10
Утврди ги во православието, Богородице Дево, сите благоверни христијани, покриј ги со Твојот чесен омофор и заштити ги од секое зло за да Му запеат на Бога: Алилуја!
Икос 10
Богољубива Марие Дево, спасение и надеж на верните! Бидејќи имаш голема слобода кон Царот Небесен Кој низ Тебе се воплоти, умоли го Него да не избави од лутите неволји и горките солзи. Утеха и радост молиме од Тебе, Радост наша, а најнапред подај ни вечно спасение нам кои милно Ти се обраќаме велејќи:
Радуј се, Лебу на животот, Ти која го роди божественото Јагне!
Радуј се, Винова лозо од каде израсна за нас Плодот на Животот!
Радуј се, зашто не` напојуваш со виното на небесната радост!
Радуј се, зашто не` удостојуваш со светите, небески, страшни, божествени, бесмртни и животворни Христови тајни!
Радуј се, радост наша, Ти која во рацете свои ја носеше радоста на сите и на се`!
Кондак 11
Си ги отворила небесните двери за верните, Богородице. Отвори ја и за мене вратата на покајанието, за да ме помилува Најправедниот Судија, да не ги објави моите тајни согрешенија и да не ме посрами пред Ангелите Твои, па да Му пеам во векови:Алилуја!
Икос 11
Очисти ме, Пречиста, од секоја нечистотија на телото и духот, ослободи ме од мрзливоста, просветли ги мислите на моето срце, подари ми сеќавање на смртта, сочувај го моето срце од лукавата похота, услиши ги овие восклици наши:
Радуј се, Царице моја Преблага!
Радуј се, Застапничке моја Преблагословена!
Радуј се, Помошничке на подвижниците!
Радуј се, Заштитничке на напаѓаните!
Радуј се, Радост и Утехо на оние кои плачат!
Радуј се, Утехо во мојата смрт!
Радуј се, Веселие на душата моја!
Радуј се, Убавино на Црквата!
Радуј се, на умот мој Просветение!
Радуј се, Утехо на сите христијани!
Радуј се, пред Бога постојана Молитвеничке и Посредничке!
Радуј се, Радост наша, зашто во рацете свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 12
Во светлината на Твоите светии, како да влезам јас недостојниот, Боже, Боже мој? И ако се осмелам да влезам, облеката ме издава, затоа што не е свечена. Просвети ја облеката на душата моја, Животодавче, по молитвите на Богородица, за да ти пеам: Алилуја!
Икос 12
О, небески, о најдраг, о најсладок глас Твој, колку само ги весели нашите срца. Си ветила дека ќе бидеш со нас, Богородице Дево. По твоите молитви слепите прогледуваат, глувите почнуваат да слушаат, хромите одат, лепрозните се очистуваат, гладните се нахрануваат, голите се облекуваат, вдовиците се тешат, сираците се радуваат, бедните се веселат, грешните се спасуваат, сиромасите ликуваат и сите Тебе Ти пеат:
Радуј се, одухотворен Божји Кивоте!
Радуј се, богољубива Царице и Владичице!
Радуј се, зашто не` спасуваш од глад и пропаст, од земјотреси и поплави!
Радуј се, зашто не` чуваш од оган и меч, од земјотрес, наезда на туѓинци и меѓусебни војни!
Радуј се, зашто ги кротиш бурните бранови на морето на животот!
Радуј се, зашто секоја солза од очите наши ја бришеш!
Радуј се, зашто навистина си не возљубила со мајчина љубов!
Радуј се, Дарителке на божествена доброта!
Радуј се, зашто во утробата Своја ја носеше вечната радост!
Радуј се, зашто подготвуваш тивко пристаниште за душите наши!
Радуј се Радост наша, зашто во рацете Свои ја носеше Радоста на сите и на се`!
Кондак 13
О севоспеана Мајко, Пречиста Владетелке, Дево Богородице! Прими го ова наше мало молење, Ти моќна Заштитничке на тажните и наскрбените, умоли го Синот Твој со чесниот и животворен крст да ни подари нам скрушеност, срце смирено, солзи на умиление и прошка на многуте согрешенија наши, радост неминлива, како во Вишиот Ерусалим би му пееле на Спасителот Бог : Алилуја!
(овој кондак се чита трипати, потоа Икос 1 и Кондак 1)
Молитва кон Пресветата Богородица во чест на нејзината икона
ТРИ РАДОСТИ
О Пресвета Дево, Себлага Мајко на Себлагиот Син, Покровителке на царскиот град и светиот храм, верна Заштитничке и Застапничке на сите грешни, жалосни, безволни и болни! Не ги презирај молењата кои ти ги принесуваме ние недостојните Твои слуги и умоли го Синот Твој и Бог наш да им го дари на сите кои со вера и умиление се поклонуваат пред Твојата света икона она што им е потребно: на нажалените утеха, на несреќните милост, на напатените во тешки страдања ненадејно исцеление и закрепување. О Пресвета, смилуј им се на сите кои го почитуваат Твоето свето име и на сите покажи им го Твојот семоќен Покров и застапништво: во секое дело кое се прави во Името на Синот Твој биди Соучесничка, уништи го секое зло и испрати им невидлива помош и вразумување од небесата на оние кои се во недоумица и болка, во опасни искушенија. Воспитај ги децата, младите оцеломудри ги и отвори им го умот да можат да го примат секое корисно учење. Спасувај не и сочувај не од видливи и невидливи непријатели, сопружниците сочувај го во едномислие и љубов и со мир и љубов совладај ги препреките меѓу сродните. Дари ни взаемна љубов, благочестивост, здравје и долг живот. Упокоените во верата на покајанието напрви ги причесници на животот со сите светии и ангели: и нека сите на небото и земјата Те видат како моќна Застапничка на родот христијански која не ги посрамуваш тие кои те молат за застапништво и да Те прослават и Тебе и Синот Твој заедно со Беспочетниот Отец и едносуштниот Дух Негов сега и секогаш и во сите векови. Амин!