На 9 јуни 2024, во катедралниот храм „Света Софија“ во Охрид, со великолепна богослужба беше прославено впишувањето во диптихот на светителите на преподобните Спаса и Спасе Вишенски.
На светата архијерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г. г. Стефан сослужуваа и високи гости од сестринските православни цркви: Високопреосвештениот Митрополит Старозагорски г. Кипријан од Бугарската православна црква и Преосвештениот Епископ Нишки г. Арсениј од Српската Православна Црква.
Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија служеа Високопресвештените Митрополити: Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Повардарски г. Агатангел, Крушевско-демирхисарски г. Јован, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, и Преосвештените Епископи: Хераклејски г. Климент, Дељадровско-илинденски г. Јоаким, Делчевско-каменички г. Марко, Дремвитски г. Давид, Стобиски г. Јаков, Антаниски г. Партениј, Велички г. Никола како и многубројни свештенослужители од сите епархии на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
На Малиот вход, Епископот Климент ја прочита Одлуката за впишување во редот на светиите, а нашиот надлежен архиереј Митрополитот Тимотеј го прочита краткото житие на светиите (синаксарот). Потоа беше изнесена иконата на новопрогласените Вишенски светии, а Архиепископот Стефан благослови со неа на четирите страни, а потоа беа отворени и моштите на светата Спаса и изложени за поклонение. Со овој чин светите Спасе Вевчански и Спаса Вишенска и официјално беа вбројани во редот на светиите, а потоа светата Литургија продолжи според востановениот ред. Литургијата беше уште поукрасена со прекрасните гласови на двата хора: од Бигорскиот манастир и градскиот црковен хор „Св. Климент Охридски“, а по завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан се обрати со пригодна беседа кон неизбројниот верен народ.
На предлог на Комисијата за канонизација на нови светители, Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, одлучи во диптихот на светиите да ги впише светите Спаса и Спасе Вишенски. На оваа литургија беше обзнанена одлуката за нивното прославување.