ПОКЛОНЕНИЕ НА КУРСКАТА ИКОНА ВО МАНАСТИРОТ ВО КИНГ ЛЕЈК И ЗАЕДНИЧКА МЛАДИНСКА ПОСЕТА

Со благослов на нашиот надлежен архиереј, Митрополитот г-дин Тимотеј и на архиепископот г-дин Георгиј од РЗПЦ во саботата на 7-ти септември 2024 година во македонскиот православен манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн се излеа посебна благодат со пристигнувањето на чудотворната икона на Мајката Божја, Курска и Коренска.
По пристигнувањето на иконта таа беше поставена на централното место од храмот и во продолжение беше отслужена света Литургија од игуменот на манастирот, о. Гаврил (Галев), заедно со о. Генадиј Бакшеев од Руската Задгранична Православна Црква.
Истиот ден од страна на Православната Младинска Група – Мелбурн и Македонската Православна Младина на Австралија беше организирано сеправославно поклонение во манастирот. Сите заедно собрани на светата Евхаристија од различни православни цркви и националности се причестија со светите Христови дарови.
По светата Литургија и молитвеното поклонение пред чудотворната икона на Мајката Божја, младите заедно со о. Гаврил се прошетаа во манастирскиот имот и уживаа во прекрасната природа што ја поседува манастирот. Денот беше вистински благослов од Бог и Пресвета Богородица и беше прекрасно ведар и сончев. Потоа сите заедно учествуваа на трпезата на љубовта и разменија мислења со игуменот на манастирот о. Гаврил.
Чудотворната икона на Мајката Божја, Курска и Коренска е најстарата руска чудотворна икона уште од 13 век и преку неа се случувале големи чудесна помеѓу православните во Русија и пошироко.  Преку оваа чудотворна икона светиот Серафим Саровски се излекувал од неизлечива болест и пред неа св. Јован Битолски, Шангајски и Санфранциски се упокоил пред Бога.
Голема благодарност до отците Павел Бакшеев и протоереј- ставрофор митроносец о. Михаил Прототопов, кои самоиницијативно помогнаа да се донесе иконата во манастирот.