Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, на заупокоената Света Литургија на Плаошник, по повод упокојувањето на Митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј, на 26 ноември 2024 лето Господово
Ваши Високопреподобија,
Чесни и почитувани отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Почитуван градоначалниче г. Кирил Пецаков,
Возљубени верници,
Драги ужалени,
Стоејќи сега, со тихование во душите и со молитва во срцата, во свештениот простор на оваа Божествена Евхаристија, каде што Небото и Земјата стануваат едно и каде што смртноста и распадливоста од овој век му отстапуваат место на незаодниот Живот од Есхатонот, ги слушнавме чудесните зборови изговорени од живоносната уста Господова, а запишани од синот на громовникот: Оној кој го слуша Моето слово и верува во Оној Кој Ме пратил, има живот вечен и нема да дојде на суд, туку преминал од смрт во живот. Овие откровенски зборови на Божјиот Домострој за смислата на животот која се остварува по неговиот крај, ни вдахнуваат сигурност дека секој кој го љуби Бога и Му служи со вера и со добри дела ќе премине од смртта во невечерниот живот, наследувајќи ја радоста на Господарот.
Во светлината на оваа евангелска порака, го упатуваме нашето проштално слово на благодарност и молитва за нашиот секогаш сакан, блаженоупокоен Митрополит Тимотеј, кој целиот свој живот го посвети на тоа да биде слуга на Синот Божји. Сега, пред нас е светиот долг за миговно сведоштво за неговите дела, за неговиот живот и за неговата љубов кон Црквата на Јагнето и Пастирот. Со смирение се обидуваме да го изразиме нашето почитување и благодарење за неговиот светол пример, кој ќе остане врежан во историјата на нашата света Црква.
Се простуваме со архиереј кој беше пастир со срце на татко, мудар раководител и ревносен служител на Словото Божјо. Меѓу добродетелите со кои беше украсен неговиот архипастирски живот, особено се истакнуваше неговиот длабок монахољубив дух. По негов благослов, манастирите во Дебарско-кичевската епархија не само што беа обновени, туку беа преобразени во светилници на молитва, духовност и на вистинско монашко предание, што го отсликува древното Атонско наследство.
Со ретка разборитост, Митрополитот Тимотеј им даде слобода на монасите и монахињите да го организираат својот живот според древните монашки типици, дарувајќи ги со благословот на светогорската автономија. Манастирите што тој ги остави зад себе се не само добро уредени, туку и исполнети со многубројно монаштво, сведоштво за неговиот труд и правилен пастирски пристап. истиот пристап тој го негуваше и за делата на свештенството, раководејќи мудро и одлучно и со епархиските работи.
Ние, монасите, монахињите, и свештенослужителите, со посебна љубов се сеќаваме на неговите благословени раце, кои не само што нѐ облекоа во монашката схима, туку и нѐ ракоположија во свештените чинови. Секој од нас е производ на неговото архиерејско освештение. Со љубов и благодарност можеме да кажеме дека сме негови чеда, негово наследство пред престолот на Бога.
Сега, собрани околу неговиот чесен одар, заеднички принесуваме молитви за покој на неговата душа – монасите, монахињите, свештениците и верниците од нашата богочувана епархија. Веруваме и се молиме дека Господ, Кого тој Го љубеше и Му служеше цел живот, ќе го прими во небесните обители, за да пребива таму во светлината на лицето Божјо, на Најпрекрасниот меѓу синовите човечки, заедно со праведниците и со сите светии.
Возљубени браќа и сестри, нема да криеме дека нашата болка денес е голема, но ќе посведочиме и дека уште поголема е нашата надеж. Митрополитот Тимотеј, кој беше столб на нашата помесна Црква, остава зад себе наследство што ќе продолжи да го сведочи неговиот живот исполнет со љубов кон Домостроителот и Дародавец Бог. Сега, кога неговиот земен подвиг е завршен, веруваме дека Господ ќе го награди со непрестајната радост на оние кои го послушаа Божјиот повик и го исполнија својот живот во служба на Неговото име. Нека го прими Господ во вечниот покој, во дворовите на Своето небесно Царство, каде што ќе го чуе благодатниот глас: „Добар и верен слуго, влези во радоста на својот Господар“.
Со овие зборови го испраќаме нашиот возљубен Архипастир, сè додека не се сретнеме повторно во Царството Небесно.
Вечен ти спомен, достојно блажен и секогаш споменуван Владико!