БЕСЕДА НА ПРОТОЈЕРЕЈОТ БОРИСЛАВ ЛАЗОВ ЗА ВРЕМЕ НА ПРИСТАПУВАЊЕТО ЗА ПАРОХИСКИ СВЕШТЕНИК ВО ВОЛОНГОНГ

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Благочестиви христијани, Драги браќа и сестри!
Би бил неблагодарен ако моето обраќање кон Вас не го започнам со благодарност најпрво кон Бога и Неговата Пресвета Мајка Богородица, во чиј што храм до пред некој ден ѝ служев во градот Скопје; ако не благодарам на блажено упокоениот митрополит г. Тимотеј кој благослови да бидам Ваш иден свештеник, до Неговото Блаженство нашиот Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан кој исто така благослови и благоволи да сум денес тука, благодарност до г-динот Љупчо Стефановски и Питер Лозенковски кои лично и се запознавме во Македонија и до целиот црковен одбор на МПЦО-Св. Димитриј- Солунски овде во Волонгонг при Австралиско-Сиднејската епархија за нивното одвоено скапоцено време и големиот напор и труд што го вложија за моето доаѓање овде, благодарност до прота Томе Младеновски за досегашното пастирствување во оваа парохија додека дојдам и за овие 2-3 недели што ќе ме упати во парохијската должност и благодарност до сите вас овде за топлиот прием и искрените честитки и молитви што ми ги дадовте.
​Денес Бог благоволи, да се исполни времето, во кое за прв пат ќе застанам пред Вас како Ваш нов парохиски свештеник, и да го продолжам она кое Христос нашиот Бог ни го даде како заповед, да богослужам и да го проповедам Евангелието на секое едно живо создание. Апостолите одејќи низ целиот свет тоа и го правеа, само што тие каде и да одеа, одеа при непознати за нив луѓе, а јас денес стојам тука пред Вас, на другиот крај од светот, и стојам како свој меѓу своите! Да проповедам на другиот крај на светот на македонски јазик, и да бидам разбран од сите! Зарем има поголема благодет од тоа?! Чудни се патиштата господови, но одејќи по нив не постои никаков страв ако знаеме дека Христос е заедно со нас, зашто токму Тој ни рече: „Не плаши се Мое мало стадо! Јас сум со Вас во сите денови до свршетокот на светот!“
​Голема благодет за мене е тоа и што стојам во храмот посветен на „Св. Димитриј“-Солунски, бидејќи јас, Вашиот свештеник прота Борислав Лазов, доаѓам од градот Кавадарци, каде се родив во Христа во храмот на Св. Димитриј-Солунски, каде што ги започнав и моите први свештенички денови во храмот на Св. Димитриј-Солунски, и каде што се надевам дека Бог ќе ме остави долги години да продолжам да му служам, на ова свето место каде што стоиме денес сите ние заедно.
​Гледајќи Ве тука заедно собрани денес, во мене навираат многу емоции. Најпрвин оние псалмопевските кои велат: „Колку е убаво и мило кога браќата живеат заедно“, а за мене е уште помило кога гледам како моите македонци живеат заедно сплотени во она кое во нас македонците го всади уште ап. Павле, а тоа е љубовта Христова. Таа љубов Христова прави денес да се чувствувам среќен, но од друга страна навира и стравот од Христа, бидејќи мое и наше задолжение ќе биде не само да ја преумножиме таа љубов, но и да ја задржиме до крајот на нашиот живот, зашто само преку неа ќе можеме и да се спасиме. Таа е љубовта која во македонецот ја засадил ап. Павле и го одржува македонецот како пиреј-троскот да расте и да не загине до ден денес. Таа љубов ги протега зраците на македонското сонце до овие краишта и прави да го бараме вечното Сонце кое никогаш не заоѓа – а тоа е Христос.
​Драги браќа и сестри, Црквата е таа која го опфаќа целиот човечки живот од денот на неговото раѓање, па се до денот на неговото испраќање при Христа. Црквата е местото каде ги доживуваме и споделуваме и нашите најрадосни, но и нашите најтешки моменти. Но, ништо не е тешко кога темелот на едно семејство е цврст како камен и кога тој камен стои во Христовите раце. Јас не од денес, а уште од почетокот на нашето запознавање, може би по Божјо допуштение, Ве осетив како мое семејство, а само Тој е Оној кој што може да направи од нас да извикаме: Слава ти Господи! Затоа знам и не се плашам од нашата иднина, затоа што љубовта Ваша ја осетив уште пред да застанам пред Вас! Вие направивте јас да сум тука денес со Вас, а такви луѓе, кои и покрај сите убавини кои што им ги нуди денешниот свет повторно жеднеат за Христос, и сакаат да бидат раководени само од Христовата љубов. Таа љубов ќе се молам до крајот на мојот живот Христос да Ви ја дарува Вам и на Вашите роднини, блиски и пријатели, но Ве молам, молете се и Вие Бог да ми ја дарува и мене и на моето скромно семејство! Светите отци Црквата и литургијата ја споредуваат со свадба на која се дарува Младоженецот Христос, а на свадба можеме ли да бидеме нешто друго освен радосни, но од друга страна светите отци ја споредуваат Црквата и како лечебница-болница, во која ќе ги лечиме и сите наши болести и таги! Но тоа ќе можеме да го достигнеме, само ако сме сплотени како едно семејство. Семејство во кое кога еден ќе биде радосен, ќе бидеме радосни сите, и исто така кога еден ќе биде тажен, ќе бидеме тажни сите! Ете така секогаш се љубеле христијаните сѐ до ден денес!
​Драги браќа и сестри, по Божјо допуштение, пристигнав при Вас во Неделата посветена на Страшниот суд и почетокот на подготовките за Велигденскиот пост. Страшниот суд, не е страшен за оној кој ги пази Божјите заповеди. Таквиот го чека него со нетрпение, бидејќи дошол денот за неговата награда за сите поминати тешки денови овде на земјата. Многумина денес ќе најдат својата утеха на тој ден! Постот кој престои, го определи Црквата за да се преиспитаме уште еднаш и уште еднаш за сè она кое сме го од една страна направиле, но од друга страна и не сме го направиле за Господа. Срцето на христијаните и на нас македонците од секогаш имале љубов за сите и за сè! Вие веќе ја најдовте љубовта во моето срце, а јас се надевам и ќе се молам да ја најдам во Вашето! Јас сум само еден скромен слуга Божји, а Вие сте мојата помош и мојата сила и смисла на моето служење! Да се молиме Бог да ни дарува многу денови исполнети со радост, кои ќе бидат за паметење не само за нас, но и за нашите поколенија, нашите наследници-нашите деца!
​Бог да Ве благослови! И за многу години – Амин!